Вчера во емисијата „Заспиј ако можеш“ гостуваше Петар Атанасов, поранешен заменик министер за образование во Владата на Зоран Заев. Тој при своето гостување посочи дека Бугарија ги напаѓа столбовите на македонскиот национален идентитет, најекстремно се напаѓа столбот на Гоце Делчев и Илинденското Востание, ако се нападне тој столб ние не само што го губиме Гоце Делчев, го губиме и ВМРО.
-Социолошки гледано на три столба се базира нашиот современ идентитет како држава. Овие три столба се многу јасни и чисти. Нашиот национален идентитет, нашата нација се базира на митот за Илинден каде што главен експонент е Гоце Делчев како мит, како личност што се борел за Македонија, што го изградил сето тоа, ја започнал таа борба. Потоа вториот столб се партизаните, комунистичката партија, победата во Втората Светска војна , на страна на победниците против фашизмот. И третиот столб е она што ние го нарекуваме народ, етнички идентитет, минато она што го носиме со себе како етнички белег, како фолклорно, тука има два круцијални елемента кои нас ни даваат посебност во таа балканска национална агенда, а тоа е јазикот пред се македонскиот јазик и црквата“, нагласи Атанасов.
Атанасов додаде дека Бугарија ги напаѓа сите три столба на Македонија на кои се базира нашиот идентитет.
-Бугарија тоа и отворено го кажува. Најмал е нападот на Втората Светска војна, на партизаните иако тука тие спорат дека они биле ослободители, па ние кажуваме дека тие биле дел од таа матрица. Иако се знае дека тие ја прифатија улогата од Германија да ја управуваат Македонија, тој режим се идентификува со тоа. Вториот столб е нападот на јазикот кој што воопшто не е наивен, нашиот јазик е етаблиран и стабилен со сите перфоманси, Мисирков го дефинира уште пред 100 години. И црквата е исто важен момент особено во таа борба меѓу црквите на Балканот, кој ќе добие приоритет, кога се распаѓала Османлиската Империја кој ќе ги фати црквите, кој ќе има пристап до верниците, појасни Атанасов.
Атанасов посочи дека нападот од Бугарија за Гоце Делчев е најекстремен.
-И првиот елемент митот за Илинден, за Гоце Делчев е можеби тука нападот најекстремен од страна на Бугарија. Воопшто не е наивен тој напад. Митот за Гоце Делчев е врзан со нашиот идентитет. Еве само една хипотеза, теза или едно размислување, што ако ние прифатиме она што го бараат Бугарите во однос на Гоце Делчев, дека тој е етнички Бугарин, тие бараат да признаеме дека тој е нешто друго, а не што ние тоа го кажуваме со години. Тогаш паѓа тезата за ВМРО, еден цел столб од нашиот идентитет се лизга како песок. Ако го изгубиме Гоце Делчев, ако го изгубиме авторското право на Илинденското Востание, ние го губиме ВМРО, потенцира Атанасов.