Она што може да се забележи е дека веќе половина од халите на некогашната фабрика се срамнети со земја, а неуморно се работи на рушеше на сите објекти.
Она што е интересно е тоа што оваа градежна активност се уште не е видлива за пешачите дожд булеварите „ Митрополит Теодосиј Гологанов“ и „Рузвелтова“, бидејќи се уште не се рушат страничните објекти.
Во моментов видливо е само за станарите од околните повисоки згради од каде се направени и нашите видео снимки и фотографии.
БАГЕРИ ЈА СРАМНУВААТ СО ЗЕМЈА ФАБРИКАТА ТРЕСКА – во дворот доаѓаат и мешалки со бетон, ќе никнат ли новите згради наречени наполитанки!? pic.twitter.com/rLneDa4AO6
— Курир (@KurirMK) July 12, 2023
Со планот од Деталниот урбанистички план донесен во 2012 година, просторот на „Треска“ е поделен на шест градежни парцели и предвидува на нив да никнат триесетина нови згради. Се дозволува катност од приземје, 4 ката плус поткровје и приземје, 5 ката плус поткровје. Во времето кога оваа тема беше актуелна во јавноста, поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ велеше дека просторот е лошо испланиран и зградите ги нарекуваше „наполитанки“.
Инаку, рушењето на објектите во кругот на фабриката „Треска“ се одвива стихијно веќе цела година наназад. Општина Центар во август минатата година соопшти дека започнало чистењето на старите објекти, откако самите локални власти ги одобриле дел од барањата за издавање решенија за нивно отстранување.
Од Општина Центар рекоа дека по минатогодишниот пожар, локацијата „Треска“ била претворена во нелегална депонија, а дел од објектите имале и азбест кој негативно влијаел врз здравјето на граѓаните.
Во април годинава реагираа и од „Шанса за Центар“, откако започна расчистувањето на дел од објектите во рамките на фабриката „Треска“. Тогаш од оваа советничка група изјавија дека не добиле информација на Совет на општина Центар кој го расчистува теренот во комплексот „Треска“, а градоначалникот ги крши одлуките и прописите и работи спротивно од сопствените предизборни ветувања во однос на „Треска“. Од општината тогаш реагираа дека станува збор за лаги и манипулации од „Шанса за Центар“.
Во кругот на фабриката „Треска“ се случија два пожара, и тоа првиот во септември 2021 година, додека вториот поголем инцидент беше на 14 април 2022 година, кога интервенираа бројни противпожарни возила и пожарникари за да ги изгаснат отровните пламени јазици.