Не им се ускратува ништо од калкулациите на компаниите, само дополнителниот профит што некои од нив, не повеќе од десетина, сакаат да го прават согласно утврдените планови, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши, одговорајќи на новинарско прашање во врска со донесената владина одлука да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.
Според него, моменталната цена на брашното е 26 – 28 денари по килограм што е соодветно за цената на белиот и полубелиот леб до 450 грама да биде максимум 32 денара.
-Сметаме дека тоа е соодветна цена и може да го прашате секој производител на леб дали со таа цена на брашното и актуелните трошоци 450 грама леб треба да е поскап од 32 денара, вклучувајќи шест денари профит што останува кај пекарите. Значи, 32 денара со шест денара профитна маржа од страна на пекарите, пет отсто маржа од трговците или во малопродажба и пет отсто ДДВ, истакна министерот.
Тој повтори дека замрзнувањето на цената на лебот е времена мерка за да нема злоупотреба на поддршката што ја добиваат компаниите од државата. Тоа, како што напомена Бектеши, се пари на граѓаните.
На прашањето дали треба земјава да ги следи примерите во другите држави во однос на лебот, Бектеши е дециден дека ние имаме свои институции и носиме сопствени политики врз основа на ситуацијата во нашата економија.
-Не треба да следиме примери од други држави како Албанија, Србија и други. Имаме наши институции кои работат секојдневно и изготвуваат извештаи. Ние како држава носиме наши политики согласно ситуацијата во нашата економија. Ако Србија ги субвенционира компаниите во делот на брашното, ние ги субвенционираме во делот на струјата, ако друга држава ги субвенционира во делот на квасецот, ние можеме да донесеме друга мерка. Целта е да се намалат крајните цени за граѓаните и тоа ние ќе го постигнеме со Владата на Ковачевски, подвлече министерот и уште еднаш ги повика стопанските комори на средба и изнаоѓање заедничко решение
-Да седнеме, да разговараме да ги соочиме аргументие, јавно да ги кажеме сите трошоци. Нека кажат што добиле од државата и да излеземе со најдоброто решение, рече Бектеши. (МИА)