Веќе пишував за нивото на образование, за кое сметам дека од година во година се повеќе тоне. Сега сакам да проговорам малку и за онаа друга улога кое образованието треба да го нуди. Тоа е градењето на здрава личност, воспитувањето и националното чувство.
Со самата децентрализација и пренесувањето на моќта во одлучувањето на локалните шерифи и градоначалниците во градинките, основните и средните школи, самата селекција на кадри драстично почна да слабее. Да не го заборавиме и влијанието при одлучување на Советите на родители, кои со чест на исклучоци, на мал процент идеалисти, во главно повеќе прават штета, отколку што прават нешто добро.
Мал период во моето образование беше во поранешниот систем во поранешна СФРЈ, а поголемиот дел од основното и средното училиште во независна Македонија. Идеолошката индоктринација каква таква се состоеше и од учење на химна, и од воспитни мерки, преку учење на манири, добро однесување, но и почитување на системот и државата.
Иако сменивме држава и политичко уредување, драстични разлики немаше. Беа симнати сликите од Тито, но воспитувањето се задржа. Училниците беа украсени со македонски знамиња, со цитати и мисли од Гоце Делчев, а останатото беше влијание од родителите и семејствата.
Албанските ученици и тогаш беа со посебна настава, но затоа пак во средно училиште учевме заедно. Во основно училиште учевме најголем дел Македонци, еден Турчин, 6-7 Роми, двајца Срби, Бошњак, Црногорец, Влав …вистинска Македонија во мало. Мислам дека иако бевме деца, делби по етничка или верска основа, никогаш немаше. Можеби социјална, но верско или етничко префрлање, никогаш.
Слично беше и во средно училиште. Со оглед на тоа што се работеше за средно техничко школо, имаше доста деца од внатрешноста кои учеа во Скопје, а беа сместени во средношколски дом. Во паралелките покрај етничката разноликост, имаше и ученици Албанци кои имаа проблем да се прилагодат во прва година, но потоа до крајот на образованието бевме неразделни. Повторно делбата беше социјална. Тие од Центар, Карпош и Аеродром, беа надмени во однесувањето кон сите оние од Чаир, Ѓорче, Гази Баба или другите градови и се двоеја. Тука беа почетоците на некаков локал патриотизам и вештачки елитизам.
Мислам дека начинот на кој образованието функционираше до пред 15-20 години и ова сега дефинитивно не се исти. И тогаш како сега, децата беа диви, бунтовни, правеа глупости, бегаа од часови, пушеа цигари, кршеа …но тоа се изливи на младешка бунтовност, која е обележје на сечие растење. Она што пречи и загрижува е се поголемото ниво на отсуство на самоидентификација со државата, со самата нација, родољубието.
Денес гледам исмевање и потценување на зборот патриот. Претпоставувам дека истото си влече корен и од користољубието на многумина, кои затскривајќи се зад него, направија многу штета на Македонија. Но, многу повеќе загрижува што еден куп млади луѓе почнаа да се идентификуваат со соседни, па и подалечни држави, а самата Македонија им стана своевиден затвор од кој, се има впечаток, дека едвај чекаат да си одат. Се идентификуваат со Албанија, Косово, Србија, Бугарија, Турција, Грција, некои со Босна, Хрватска, па дури и Русија, САД, Канада, со секој, само со родната земја НЕ! Трагедијата е што добар дел, никогаш не биле ни на одмор во државите по кои чезнеат и ги идеализираат.
Македонија стана земја од која само се зема, се цеди, се гребе, и на крајот од која се оди. Земјата на сонцето иако со границите се отвора кон светот, во свеста се повеќе херметички се затвора. Слободоумноста не значи да се заборави кој си и од каде си, ниту пак значи да се исмева и заборави нашето поблиско или подалечно минато.
Сите зборуваат за пари, за некаква иднина, но парите се трошат, а иднина нема за оние кои ќе ги заборават и избришат корените. Дневната политика и борбата за идеолошко влијание е вгнездена сегде, трагично е што идеолошките разлики се толку големи, што секојдневното функционирање и комуникација станаа терет.
Токму затоа мора да дојде до севкупно национална помирување, воспоставување на системска рамка, и промовирање вредности, кои ќе бидат заеднички, универзални. Се додека имаме во школите знамиња од различни држави, се додека е битно кој е градоначалник во одредена општина, се додека јазикот е детерминанта за целосна делба меѓу населението, нема напред. Се дотогаш, ние ќе бидеме територија, а не држава!
КОЛУМНА НА АЛЕКСАНДАР РИСТЕВСКИ