Заменик-претседателот на македонската Влада задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи утрово на граничниот премин Блаце, заедно со Шпреса Јусуфи, амбасадор на Република Косово во земјава и амбасадорот Гоце Карајанов, посебен советник на претседателот Пендаровски за надворешна политика, ја пречекаа претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу.
Од прес-службата на Владата соопштија дека вицепремиерот Битиќи е дел од делегацијата на Претседателот на државата Стево Пендаровски кој е домаќин на претседателката Османи-Садриу и ќе учествува на пленарниот состанок на делегациите на Македонија и на Косово, по што е предвидена и заедничка прес- конференција на претседателите на двете држави.
По средбата, Пендаровски и Османи-Садриу ќе ја посетат црквата „Св. Спас“ каде ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев. Според најавите, косовската претседателка ќе се сретне и со со претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и ќе се обрати на свечена седница во Собранието на Македонија.
Претседателката Османи-Садриу е во дводневна посета на земјава, а утре ќе го посети Тетово каде ќе се сретне со градоначалникот Билал Касами.