понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Битолската болница на респиратор, заболен здравствен кадар, Филипче уверува ситуацијата е под контрола

Битолската болница на респиратор, заболен здравствен кадар, Филипче уверува ситуацијата е под контрола

Болницата во Битола на респиратор. Расте бројот на заразени лекари и медицински сестри во битолската болница. Ако кривата продолжи да расте, болницата ќе колабира, ќе нема кој да ги лечи заразените граѓани од КОВИД-19 предупредуваат лекарите.

ИСТОШТЕН ЗДРАВСТВЕН ПЕРСОНАЛ

Здравствениот персонал во оваа болница е преморен, истоштен и дезорганизиран. Началничката од интерно одделение не соопштува јавно колку има заразено од здравствениот персонал, колку се хоспитализирани, колку се во изолација и што ќе се преземе за да не колабрира болницата, бидејќи токму во таа болница се лечат луѓето и од околните градови.

Здравствените работници од Битола велат дека им се потребни основни средства за работа бидејќи, без алат, нема занает. Таму се соочуваат со недостиг на основен материјал како што се маски, заштитна опрема, па дури и централен кислород. На пацинетит им треба кислород со боци. Но освен боци потребен е и кадар, бидејќи во моментов нема доволно здравствени лица кои ќе внимаваат дали има доволно кислород во боцата на пациентот. Ако нема доволно кадар може и пациентот да почине, пример за тоа е додека еден пружа помош на ургентен случај, тој од другата страна за кој мисли дека е стабилен, во меѓувреме помодрел и починал зошто му завршил кислородот во боцата.

Друг проблем се смените кои се значително напорни, а во моментот многу малку луѓе има кои го носат товарот на болница, се жалат здравствените работници. Дополнително, со заразените медицински лица и лекари се намалува капацитетот на медицинскиот персонал кој е во првите редови во битката против корона вирусот.

(НЕ)СТАБИЛНА СИТУАЦИЈА

Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку дена за медиуми изјави дека состојбата со КОВИД-19 во државата е под контрола.

-На интерните клиники има слободни кревети, пристап до кислород и сé што е потребно за лекување на пациентите. Огромен е притисокот во изминатите денови меѓутоа со ова дополнително обезбедување болнички капацитети, оспособување на интерните одделенија, подготовката на кадарот, системот на ротација, обезбедени се слободни капацитети. И за периодот којшто доаѓа имаме план за сместување на пациенти и на други интерни клиники и секако план за распоред на стручниот кадар, лекари интернисти и медицински сестри коишто ќе работат со ковид пациенти. Во овој момент сé уште нема потреба да се менува системот за закажување МојТермин меѓутоа, подготвени сме да ако дојде до тоа, практично, се намали редовниот програм во повеќе болнички установи, не само со цел да се обезбеди доволно сместувачки капацитети туку и кадарот да биде на располагање, изјави министерот Филипче.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ критикуваат дека Владата и министерот не се справуваат добро со ситуацијата.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија од пред неколку дена посочи дека власта не знае да се справи со КОВИД-19.

-Мене ме плаши состојбата која што се случува во здравството. Во Македонија денес има блокирани болници, немате место каде обичниот граѓанин да отиде и да направи тест за КОВИД-19. Граѓаните чекаат по седум – десет дена, некои не ни стигаат воопшто да се тестираат, слушаме и гледаме еден куп повици на социјалните мрежи за помош. До тој степен е отидено здравството во Македонија. За жал таква е реалноста моментално во државата. Тоа е жалното, истакна Мисајловски.

Најнови вести