Вчера новинарот Бранко Героски објави нова колумна во која ги открива петте луѓе блиски на Заев што ја менаџирале аферата „Рекет“ од втор план.
Тој во својата долга колумна прашува и дали некој од овие пет блиски луѓе на Заев знае каде се парите од „Рекетот“?
„Ако пропеат Боки, Фросина и Катица – а првите двајца веќе најавуваат дека нема да молчат – ќе дознаеме за поврзаноста со „Рекет“ на блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ, на многу важен советник на Заев од една странска земја, на познат интелектуалец и на познат новинар кои ги воспоставуваат линковите меѓу Боки и Катица, а најстрашно од сѐ, на многу близок човек на Зоран Заев, кој ги менаџира и контролира сите поголеми бизнис зделки во земјава. Она што го знаеме за „Рекет“ е само врвот на ледениот брег“, пишува во дел од колумната Героски.
Дали е Боки будала да лежи за сите?
„Порталот Вечер, кој се потврди како добро информиран за некои клучни аспекти на аферата, тврди дека во петокот на 20 декември, во исказ пред обвинителката Вилма Русковска, запишан на 30 страници текст, Бојан Јовановски кажал сѐ. Дури и тоа дека поголем дел од парите што ги зел од рекетот (наводно околу 7 милиони евра) ги предал на луѓе блиски до Заев, вклучувајќи и извесен В.З. Не знам дали е тоа точно, но моите извори уште минатото лето ме известија дека во телефонот на Боки навистина чуда имало и дека ништо не било избришано. За разлика од Катица, Боки не бришел. Меѓу чудата имало и снимки од комуникации на Бојан Јовановски со луѓе многу блиски до Заев, некакви белешки во апликација за пишување (таму наводно била спомната и Фросина Ременски) и куп други докази кои, според порталот Вечер, обвинетиот Боки сега сака да излезат на виделина.
Пак ќе речам, не знам дали е тоа точно, но многу добро се сеќавам на написите во српските весници „Курир“, „Ало“ и „Информер“ дека ако дојде густо, ако Бојан Јовановски почувствува дека ќе биде ставен на клада за другите да преживеат, има депонирано докази кои ќе ја откријат вистината. Можеби тогаш тоа биле само закани на еден очаен човек, но сега Јовановски се соочува со тешка пресуда и сигурно си го поставува прашањето – па дали сум јас будала да лежам за сите нив? На тоа укажува фактот дека Боки сега се претставува како политички затвореник, се чувствува загрозен и дека е под закана од физичка ликвидација. Да ви кажам право, му верувам за заканите, бидејќи се слуша дека во околината на Заев има еден нему близок човек кој има обичај и така да се заканува“, пишува Героски.
Инаку Вечер вчера објави дека според Боки 13 парите, во поголем дел, ги предал на луѓе блиски до претседателот на СДСМ, поранешниот премиер Зоран Заев, посочувајќи го конкретно В.З. близок роднина на досегашниот премиер кому предал пари на средба во Карпош, на локација Лептокарија. Заканите кон него, кои Боки 13 ги спомнува на судењето се спомнуваат и во исказот, и повторно како главен извор на заканите тој го спомнува лицето В.З.
За поткрепа на овие тврдења Боки 13 ја упатил обвинителката на поголем обем снимени аудио и видео материјали кои го потврдуваат неговиот исказ од кои се гледа комуникација со Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Вице Заев и неколку други лица од врвот на власта, помеѓу кои и директорот на Финансиска полиција Арафат Мурати. Телефоните кои му биле одземени биле вклучени со шифри при што се појавил проблем за откривање на содржината. На овие состаноци со обвинителката Рускоска, Боки 13 прифатил да ги даде шифрите за декодирање на телефоните и преземање на содржината од нив како докази.
Понатамошниот процес, доколку ЈО и Вилма Рускоска решат да ги употребат новите докази, секако ќе значи нови истраги и обвиненија за лицата кои ги добивале рекетираните пари од Боки 13 но, и постапки против лица кои дале рекет а тоа не го пријавиле со што добиваат третман на лица кои доброволно дале поткуп за да бидат ослободени од истрагите на СЈО.
Вчера исто така телевизија 24 објави дека Бојан Јовановски пред да стане првообвинет во аферата со Меѓународниот сојуз побарал од обвинителството да биде заштитен сведок.
Неговото барање дошло откако пријавил дека стравува за својот живот и има закани за ликвидација. Но, Боки 13 не го доби овој статус , туку напротив е ставен прв на листата обвинети за измама и перење пари во неговата невладина организација.
Според нашите неофицијални информации, Јовановски кога бил прашан од кого трпи притисоци одговорил “НН лица (непознати лица)”. Сличен одговор дал и за дејствијата против него, односно не посочил конкретни случаи. Обвинителката Вилма Русковска не сака да коментира ништо во врска со овој случај, а од друга страна Сашко Дукоски, адвокатот на Јовановски во изјава за медиумите вчера потврди дека заканите доаѓале од високи претставници во државата, но дека во јавноста не сме да сподели ништо.
Јовановски за време на вчерашното рочиште најави дека сите информации сака да ги сподели со републичкиот обвинител Љубомир Јовески . Додека е во притвор Јовановски еднаш му испратил писмо на Јовески во кое му се пожалил за влошената здравствена состојба. Но, што сака да сподели Јовановски и за кого сака да зборува со јавиот обвинител засега останува енигма. Тој е обвинет во два случаи, во првиот заедно со Катица Јанева, а во вториот со Фросина Ременски, неговиот татко Миле Јовановски, соработничките Јасна Мандиќ и Христина Блажевска. Му се ставаат на товар измама и перење на пари.
Боки 13 на 3 јануари во судницата изјави и дека е политички затвореник
Обвинетиот во Рекет, Бојан Јовановски тврди дека добивал закани за ликвидација. Во судница се пожали дека рекордно време бил во притвор, и себеси се нарече политички затвореник. Појасни дека се прекршени неговите човекови права за што ги известил амбасадите на САД, Холандија, Франција. Го известил и државниот обвинител Јовески со кого сакал да сподели доверливи информации.
„Оправдано се чувствувам како политички затвореник зашто „Рекет“ се повеќе личи на арена на политичките чинители кои своите битки ги водат преку овој случај. Се чувствувам загрозено и понижено и укажувам дека добивам закани за моја физичка ликвидација“, рече во судницата, Јовановски.
Тој не откри кој му се заканувал, а неговиот адвокат појасни дека заканите доаѓале од високи претставници во државата.
„Во овој момент не би кажал од кого се, но има закани дали ќе зборува или нема, од надворешни лица. Не е херметички затворен затворот Скопје и он многу добро знае од кого и какви закани добива. И овој процес е најмалку правен процес туку е политички процес“, изјави Сашко Дуковски, Адвокат на Бојан Јованоски.
Боки 13 истиот ден изјави дека им пишал на амбасадори, не ја исклучува можност за штрајк со глад
Доколку Судот носи одлуки под притисок, како што истакна тој, не исклучува да штрајкува со глад.
-Го молам Судот да носи одлуки без странични закани и притисоци. Денеска испратив писма до амбасадорите на САД, ЕУ и Франција, Брнс, Жбогар и Тимоние, како и до Хелсиншки комитет и побарав посета од нив во затворот, рече Јовановски пред судиите.
Инаку ВМРО-ДПМНЕ неодамна преку соопштение до јавноста истакна дека Заев, Спасовски, Шекеринска, Димитров, Филипче, Кирацовски, Ременска и десетици други владини и партиски функционери знаеле дека Боки 13 врти милиони евра и се расфрла со парите.
Главното прашање во која мера учествувале во милионскиот рекет, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од каде додаваат:
„Само објективна и независна истрага може да докаже зошто со години го прикривале Боки 13 бидејќи никој не им верува дека не знаеле од каде е луксузот во неговиот дом. Само објективна и независна истрага ќе покаже зошто дури откако беа обелоденети снимките Спасовски мораше да лаже дека не се слушал со Боки 13, а Димитров да лаже дека немало никаква пријава до него. Само објективна истрага ќе покаже зошто Филипче договарал партнерства во домот на Бoки 13. Само објективна истрага ќе покаже дали Заев е човекот кој го предупредил Боки 13 дека е пријавен за рекет, и зошто Заев не покажува доказ дека го пријавил рекетот?“
-Ако веќе на сите им е јасно дека домот на Боки 13 станал оперативниот центар за Рекет, тогаш зошто биле честите посети на Шекеринска, Кирацовски, Ременски, Филипче и останати функционери на СДСМ на неговиот дом? Ако имавме професионално воден процес од страна на Русковска овие факти досега ќе излезеа на виделина. Исто така ќе се дознаеше дека амбасадорот на Латвија го известил МНР Никола Димитров дека на големо се рекетираат бизнисмени во Македонија. Јавноста ќе знаеше што има во писмата кои Катица Јанева ги испраќала до ЈО, за кои известуваат медиумите. И на крајот на краиштата ќе се дознаеше дали освен оперативниот центар за Рекет имало и друг центар кој што го осмислил и контролирал целиот Рекет?, прашуваат од партијата и заклучуваат:
„Сведоштвата од случајот Рекет кажуваат дека главата на криминално рекетарскиот октопод се состанувала во домот на Боки 13 . Сите кои се замешани во рекетот ќе одговараат. Изборите на 12 април ќе помогнат оваа власт на Заев да замине и овој случај Рекет со ослободено и независно обвинителство и судство да добие вистинска разрешница.“
И додека во јавноста секојдневно се откриваат нови скандалозни искази и тврдења за вмешаноста на власта во случајот Рекет, исходот од овој случај ќе остане енигма се до самиот крај.
Следното рочиште за овој случај е закажан за 20 јануари месецов.