Лица со богата биографија скандали и криминали наспроти лица со неограничена енергија и докажани професионалци. Брилијатна партија шах на Христијан Мицкоски кој го доведе веќе маргинализираниот Зоран Заев во мат позиција. Велат, професорот повторно му оддржа лекција на аболираниот бизнисмен.
Вака накусо политичките аналитичари ги коментираат и оценуваат пратеничките листи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Двете партии веќе ги објавија своите носители на изборните единици и кандидатите за пратеници. За експертите со ваков избор, СДСМ убедливо ќе загуби.
Ваков став има и универзитетскиот професор Александар Даштевски кој посочи дека и покрај сите напори што ги направи СДСМ убедливо ќе загуби, бидејќи изборите се направени по нивен предлог поради нивните погубни политики. За политичкиот аналитичар Сотир Костов, листите на ВМРО-ДПМНЕ се листи на #Обединетите бои на ВМРО-ДПМНЕ# и истовремено #Обединетите бои на Македонија#, а листите на СДСМ ги гледа како квазимодо концепт со наметната антимакедонска политика и профили во неа.
-Пред се, предавство на националните интереси, катастрофални резултати во економијата, пад на животниот стандард, огромна корупција и криминал, пред се во правосудството, што придонесе за уништување на владеење на правото и правната држава, а со самото тоа недобивање односно одлагање на датумот за преговори со ЕУ. Во првата изборна единица го имате најнепопуларниот политичар во Македонија во сите партии, Никола Димитров, што го покажаа анкетите. Тоа значи дека СДС немале слобода врз правење на листите туку ги правеле со притисоци. Ставајќи го него на листа тие го губат својот бастион досега. Во петата пак е најнепопуларната политичарка во Македонија на сите времиња, во сите партии Радмила Шеќеринска. Не знам што бара таа таму, а од тие причини целата листа е промашена. На пример, има само едно добитно место за битолчани, а тие отсекогаш биле најсуетно гласачко тело. Останува да ги води личноста замешана во сите “бомбона” бизниси во Македонија, па и во овој последниот со “рекет” и чевлите “Кристијан Лабутан”. Дури ни во тројката во коа традиционално победува ВМРО- ДПМНЕ нема ниедно звучно име. Љупчо Николовски без никакви резултати ќе ја предводи листата со “коносителот” Шахпаска која служи само за правење конфликти и дворски игри во Собранието. Четворката останува за купување на гласачите, нешто што е видено, но и покрај предвидените милиони евра за таа намена, сметам дека овој пат народот е подготвен да казнува, вели Даштевски за Курир.
Листите во шесте изборни единици за избор на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, поточно на Коалицијата “Обнова на Македонија“, за Сотир Костов се листи на #Обединетите бои на ВМРО-ДПМНЕ# и истовремено #Обединетите бои на Македонија#.
-Тоа се листи на достоинствени луѓе со дигнитет, чест, морал, свест и совест, кои треба да го исчистат извалканиот образ на Македонија, извалкан од ненародната власт на СДСМ. Гордана Силајовска за мене е поим за уставна, законска, правна и политчка експертиза, Игор Јанушев и Владо Мисајловски се менаџмент уоркери, организатори и творци на обновеното ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и Антонио Милошоски се искуството и меѓународната експертиза на новото ВМРО-ДПМНЕ, Игор Дурловски е Победник, роден победник и оперски, културен и уметнички првенец, а Дафина Стојаноска е вмровска и македонска хероина, која заедно со д-р Рашела Мизрахи, Жаклина Пешевска, Ане Лешкоска, Благица Ласовска, д-р Иванка Василевска и сите останати припаднички на женскиот пол од листите, храбро ќе се борат во Битката за Македонија и заедно со енергијата на младите, на д-р Тимчо Муцунски, кои доминираат на листата ќе ја извојуваат најголемата победа за ВМРО-ДПМНЕ, за Република Македонија.
Во однос на носителите на листи и кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Даштевски смета дека партијата за прв пат во единицата има направено избор пар екселанс.
-Доволно е да ја споменам професорката Гордана Сиљановска Давкова и младиот перспективен професор Тимчо Муцунски, кој покрај тоа што е посветен патриот е и еден од ретките полиглоти во македонската политика. Во двојката носител е Владо Мисајловски, човекот кој ги направи сите автопати со кои денес СДС се фали дека тие ги направиле, а тоа беше само почеток. Него го следи сега веќе “херојот” во македонското општество Рашела Мизрахи, која покажа и докажа како изгледа да се биде “горда Еврејка од Македонија”, без да се плаче за функција, но и борбеност и посветеност на задачите. Игор Јанушев, човекот со неограничена енергија за највисоки дострели, подготвен за врвни резултати. Високо на листата се Благица Ласовска- претседателка на унија на жените и личност која ужива голем авторитет кај членството и граѓаните, а веднаш до неа професорката Иванка Василевска. одамна докажан професионалец и во струката и во партијата. Што да се каже за Игор Дурловски, патриот со небесна кариера и врвни достигнувања во својата струка, докажан интелектуалец и ултра Македонец. Намерно не ги експлоатирам премногу двојката и шестката, затоа што тука СДС сакаше да направи манипулација со Беса и повторно да ги измами албанските гласачи. Но како што гледаме, коалицијата уште не направена се распаѓа, па тоа ќе биде нивно најголемо разочарување, а албанските гласови таму ќе ги поделат големите албански партии Алијанса за Албанците и ДУИ, смета Даштевски.
Листите пак на СДСМ, т.е коалицијата што ја предводи таа партија, Костов ги нарекува Квазимодо листи (метафора), од причина што во нив се луѓето што ја погазија волјата на народот македонски изразена на Референдумот, го сменија Уставот на РМ и го сменија Името Република Македонија. Тоа е Квазимодо концепт, вели Костов, кој во овој избор на партијата гледа наметната антимакедонската политика и дипломатија на грчките политичари, која како таква е против интересите на Македонија.
-Тоа се листи предводени од З. Заев, Р. Шекеринска, Н. Димитров. Луѓе кои ја осрамотија Македонија и го понижија македонскиот народ. Луѓе кои кажуваат, забораваат и негираат. Наутро велат “ДА“, напладне “Можеби“, а навечер “НЕ“. Негираат се што е македонско, а со самото тоа се негираат и самите себе. Тоа се луѓе што лажат, мамат, не ја зборуваат вистината кога се колнат во своите родители и деца. Се здружија со политичка партија која се залага за редефинирање на Македонија и разнебитување на нејзиниот карактер. Тоа се луѓе со нос на Пинокио, луѓе кои ни велат дека прашањата за Македонија не заслужуваат одговори, луѓе со таткова клетва за промената на македонското име, анационални ликови, сурати и типови, луѓе одродници.
Македонскиот народ, неговото величество избирач, потенцира Костов, знае да направи разлика и да одлучи во корист на интересите и иднината на Македонија.