Бугарија нема да го промени ставот за почеток на преговорите за членство во Европската Унија на Македонија, пренесува „БГНЕС“, повикувајќи се на информации од бугарската влада.
Во изјавата се појаснува дека Бугарија ќе се придржува до Декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година во врска со проширувањето на ЕУ и процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија и Албанија, како и на Рамковната позиција за европската перспектива на двете држави, усвоен од Владата на 9 октомври 2019 година и поддржан со декларацијата на Националното собрание од наредниот ден.
„БГНЕС“ појаснува дека „овој став на Бугарија ќе се брани за време на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ“, што ќе се одржи на 14 декември во Брисел.
– За Бугарија, останува одлучувачки основниот принцип на сопствените заслуги на секој кандидат. Бугарија верува дека Албанија е подготвена да напредува на патот кон ЕУ и е подготвена да го поддржи усвојувањето на преговарачката рамка за земјата и одржувањето на првата Меѓувладина конференција – гласи ставот на бугарската влада.