Извршниот директор на бугарската државна компанија Булгартрансгаз, Владимир Малинов, за БНТ изјави дека иако Русија ја прекина испораката на природен гас за Бугарија, нема да го запрат транзитот на руски гас за Македонија, Грција и Србија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Малинов, Бугарија започнала преговори со Турција за обезбедување рута за снабдување со природен гас како алтернативна рута.
Булгартрансгаз е подготвен да го наполни бугарското национално складиште за гас во Чирен до крајот на летото и на есента. Малинов рече дека вчера е направено уште едно тестирање на гасната врска меѓу Бугарија и Грција и се се одвива според планот, така што интерконекторот ќе биде завршен до крајот на јуни, иако самиот Булгартрансгаз нема да биде негов оператор.
Заклучно со 15 мај има 113 милиони кубни метри гас во складиштето во Чирен, што претставува околу 21 отсто од техничкиот капацитет, додаде Малинов.
Започнало полнењето на бугарското складиште за гас и дневно се танкираат околу 1 милион кубни метри гас. (МИА)