Бугарија ја оствари заканата за вето блокирајќи го усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија и одржувањето на првата меѓувладина конференција на вчерашниот видео-конференциски состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ.
Сепак, германското претседателство со Унијата и Европската Комисија, потврдија дека ЕУ не се откажуваат од решение до крајот на оваа година. Од Владата оценуваат дека одлуката на Бугарија не е во духот на добрососедството и Договорот за пријателството, но најавуваат дека разговорите продолжуваат до изнаоѓање вин – вин решение во интерес на нашата европска иднина и во рамки на позициите што ги има и ги прокламира државата.
Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева по министерскиот состанок на прес-конференција изјави дека Бугарија во оваа фаза не може да ја поддржи преговарачката рамка со Македонија, затоа што предложениот нацрт не ги одразува бугарските барања и не може да биде поддржан во сегашната форма, изјави Захариева.
Бугарија инсистира да се утврдат три услови во преговарачката рамка со земјава и тоа „придржување кон формулацијата за јазикот од 1999 година, потврдена и со Договорот за пријателство и добрососедство; утврдување план за спроведување на Договорот од 2017 година; и многу јасен и прецизен текст дека нема да има претензии за македонско малцинство во Бугарија“.
– Овие услови се уште не се вклучени во нацрт преговарачката рамка, нагласи Захариева.
Според неа, треба да се вложат повеќе напори во преговорите, бидејќи, како што рече, „поентата на подготовката за членство е да се направи Унијата посилена, рече Захариева. Засега Бугарија, рече таа, може да ја одобри само преговарачката рамка со Албанија затоа што земјата „ги исполнила повеќето услови поставени во март“.
Германскиот министер за Европа и претседавач со министерскиот состанок на ЕУ, Михаил Рот, по бугарската блокада порача дека ЕУ не се откажува да помогне да се надмине спорот помеѓу Скопје и Софија и до крајот на оваа година да се усвои преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Минатата недела претседателството се обиде да ги приближи позициите, но не успеавме да ги убедиме да се согласат со преговарачката рамка. Во наредните денови или недели сигурно ќе се обидеме да го испратиме овој важен сигнал до Западниот Балкан, тоа ќе зависи од волјата на двете страни да се усогласат, не е се само во наши раце, рече Рот.
Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, исто така потврди дека ЕУ не се откажува од решение до крајот на оваа година.
Одлуката на Софија да блокира, од нашата Влада беше оценето како неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи.
Европратеничката од Словенија, Тања Фајон, вчера за МИА изјави дека земјите членки на ЕУ не смеат повеќе да го одлагаат отворањето на преговорите за членство со Македонија и ги повика да ја преземат својата одговорност.
– Сите носиме одговорност, и Македонија ја исполни својата работа, секое дополнително одлагање ќе им наштети пред сѐ на нејзините граѓани посебно во овие времиња на пандемија кога економскиот и социјалниот развој и се многу потребни на земјата, додаде Фајон, јави дописничката на МИА од Брисел.
Либералите во Европскиот парламент исто така испратија апел до бугарските власти да престанат да ја кочат Македонија.
Бриселскиот веб сајт „ЕУ Обзервер“ објави напис во врска со бугарското вето кон официјалниот почеток на преговори со Македонија, оценувајќи дека Бугарија носи „историски багаж“ на масата на ЕУ.
– Требаше да биде техникалија, но се претвори во ново фијаско на процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, вмешувајќи ги во тоа Хитлер, Сталин и Тито. Денешните разговори ќе се соочат со ново бугарско вето, што го базираат, како што кажа еден висок ЕУ дипломат, врз овој „историски багаж“, пишува „ЕУ Обзервер“.
Ивајло Дичев, професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија во својата анализа, посочува дека апсурдното вето што го подготвува Софија за Северна Македонија на патот кон ЕУ зборува за нивните сопствени комплекси.
– Ние веројатно сме несигурни во врска со нашиот идентитет, затоа сакаме да им го триеме носот на Македонците за да покажеме колку сме големи. Некои земји од ЕУ кои се против проширувањето со задоволство ќе се сокријат зад нашето вето. Се радуваат и Русите, кои ќе можат да делат и да владеат, и Кинезите, кои ќе можат слободно да инвестираат, Србите, кои утре ќе ја интегрираат Северна Македонија наместо нас. Зошто бараме повод да ја направиме оваа кобна грешка да ја запреме Северна Македонија, а патем и Албанија на патот кон ЕУ, прашува Дичев и порачува дека нациите успеваат кога гледаат напред, а не на она што неповратно го изгубиле.