среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Бербок: ЕУ додека се подготвува за проширување треба и да почне со реформи

Бербок: ЕУ додека се подготвува за проширување треба и да почне со реформи

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на денешната Конференцијата за проширување на ЕУ во Берлин го најави почетокот на процесот на зајакнување на внатрешните структури на ЕУ, како подготовка за процесот на проширување, а во исто време предложи постепена интеграција на земјите кандидатки.

-ЕУ треба да почне со храбри реформи додека се подготвува да се прошири, истакна Бербок.

Таа предложи укинување на сегашниот систем според кој секоја од 27. земји-членки делегира по еден комесар.

-Не може да им се дозволи на Европскиот парламент и на Европската комисија едноставно да растат и растат, да станат уште поголеми. Треба да донесеме храбри, храбри одлуки … на пример, ние сме подготвени да работиме без свој комесар на ограничен временски период, посочи Бербок.

Коментарите на Бербок доаѓаат додека дебатата за проширување на ЕУ со Украина и земјите од Западен Балкан се вжештува пред клучниот Самит на ЕУ во Брисел следниот месец.

Германската министерка за надворешни работи предупреди на пристапот или – или кон проширувањето, предлагајќи на земјите-кандидати да им се дозволи да присуствуваат на состаноците на Советот на ЕУ пред да станат полноправни членки.

-Треба да се погрижиме луѓето од овие земји, особено младите, да добијат можност да учествуваат во предностите на ЕУ во рана фаза, дури и пред нивната земја да стане полноправна членка.

Таа додаде дека тоа може да вклучува студентите од Северна Македонија, Србија и Турција да учествуваат во студентската програма Еразмус, потоа намалување на таксите за роаминг и поедноставување на визните процедури за граѓаните на земјите кандидати.

-Поврзување на средствата од ЕУ со стандардите на владеењето на правото, би требало да биде дел од политиката на ЕУ, потенцира Бербок. (МИА)  

фото: ДПА