Градоначалникот на Симитли Апостол Апостолов и претседателот на општинскиот совет Владимир Христов, ноќеска на границата со Северна Македонија ја проверуваа состојбата со пожарот помеѓу Делчево и Пехчево и се координираа за потребните активности за негово запирање на бугарска територија, јави дописникот на МИА од Софија.
Според Апостолов, ситуацијата е многу сериозна, а силниот ветер што дува во областа на границата меѓу Бугарија и Северна Македонија дополнително ја отежнува ситуацијата. Тој рече дека бил во постојан контакт со властите во С Македонија, како и со пожарникарите од Благоевград вклучени во гаснењето на пожарот.
Апостолов вели дека Северна Македонија се организирала, има многу луѓе на терен, како и хеликоптери, но во моментов огнот не може да се запре. Според информациите со кои располага градоначалникот на бугарската општина Симитли, пожарот ги зафатил селата Негрево и Царник. Апостолов разговараше и со директорот на Претпријатието за шумарство Симитли, Благој Кишев, кој го увери дека ќе биде испратен булдожер до подрачјето на границата помеѓу Северна Македонија и Општина Симитли за да се направат ископи и се запре огнот ако помине од границата со Бугарија.
Раководството на Општина Симитли ги повика граѓаните кои живеат во повисоките населби на градот во близина на границата со Северна Македонија да бидат што е можно повнимателни и доколку е потребно да се евакуираат во градот.
Веста за пожарот во Северна Македонија е централна тема за бугарските медиуми, кои потсетуваат дека нивната земја им помага на градовите Пехчево и Делчево во соседната држава.