петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

„Централната власт со својот непријателски однос удира по општините, на крајот тоа е удар по својот народ“

„Централната власт со својот непријателски однос удира по општините, на крајот тоа е удар по својот народ“

Драги пријатели, сакам да зборувам за иднината и она што го очекувам од секој еден градоначалник. Пред почетокот на кампањата на локалните избори кога ги посетував општините на секој градоначалник му дадов отворено писмо на принципи и очекувања кои ги барам од секој еден од нив. Еве ги тие (покажуваш листови – ќе испринтаме неколку) и јас ве потсетувам на тоа што сме го ветиле пред граѓаните и тоа е она кон кое заеднички сме се обврзале, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неговото воведно обраќање на „Саем на промени што носат иднина“.

Тој посочи дека тогаш во тие писма потсетил дека доста е од локални бизнис моќници, и ново компонирани инстант бизнисмени кои се доближуваат до локалната самоуправа само да се доберат до маркица за некоја нова зграда, нов бетон во кој ќе се гушат граѓаните.

– Кога ќе дојде некој таков, побарав веднаш да го избркате толку силно што никогаш друг пат нема да му текне да направи таков нечесен потег. Кон трошењето на парите во општината мора да имате пристап како кон свои пари. Грижливо и штедливо. Доста беше расипништво. Не смее веќе зеленилото да се заменува со бетон. Кога ќе се гради, треба да се гради паметно и со план за иднината. За 4 години не смее да има урбано место кое нема да има канализација, водовод кој се гради за да има пристојни услови за живот. Мора да се борите за секое работно место, и да носите нови инвестиции. Нов елан, народот да почувствува нова енергија и да бидете заштитници и двигатели на развојот на економијата.
Имаше и такви до пред една година градоначалници од власта кои се постоветуваа со Господ. Вие му служите на народот, а не тој вас, и не сте Господ. Далеку од тоа. Треба да останете слуга на народот, на својот град, на својата татковина. И никогаш да не ги разочарате граѓаните и Македонија. И ова што досега го кажав беа дел од тие писма и овие пораки една година потоа, задоволен сум што се запазени и испочитувани, појасни Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека така треба да се продолжи.

– Кога станува збор за иднината, треба да погледнеме на реалноста, а таму централната власт со својот непријателски однос удира по општините. Ударот по општините на крајот е удар по својот народ врз чиј грб се одразува секоја опструкција, секој удар и кратење на средства. Затоа општините се принбудени сами да се борат и заедно да изнаоѓаме механизми како да се дојде до нови инвестиции и средства за граѓаните. И тоа го правиме. Сакам да објавам дека општините ќе започнат со новина на издавање на општински обврзници. Секое домаќинство, правно и физичко лице, ќе може да учествува во купување на тие обврзници, пари кои ќе се употребат за градење на капитални проекти, улици, патишта, булевари, водоводи канализации, нови градинки и училишта, па дури и економски општински зони. За разлика од сега, каматната стапка за депозит во банка е до 0.5 %, каматните стапки за седумгодишен период на граѓаните и компаниите кои ќе учествуваат во купувањето на овие обврзници, ќе бидат 9 до 10 пати поголема односно од 4,5 до 5 %. Така општините ќе дојдат до свежи пари, граѓаните и компаниите кои ќе дојдат до тие средства ќе можат да очекуваат за неколику проценти повисока каматна стапка и заработувачка, а населението многу нови проекти. Оваа новина која до сега не била спроведена очекувам да започне до крајот на оваа или најдоцна до почетокот на наредната година. ВМРО-ДПМНЕ го трасира патот кон револуцинерна мерка која на општините ќе им обезбеди самостојност и инвестициски вложувања. Затоа што не можеме да ја чекаме централната власт да помага во ситуација кога одмага на општините и игра на картите на зависност и нанесување штета. Ние отпочнавме процес на промени од кои нема да се откажеме ниту да запреме, појасни тој.

Мицкоски информираше дека во периодот што следи ќе се формираат буџетите на општините за наредната година.

– За прв пат до сега градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги планираат буџетите заедно со граѓаните и според нивните потреби. Ќе се отворат вратите за предлози, идеи и потреби на граѓаните, компаниите и општествените чинители и во консултација со нив ќе се испланираат активностите за наредната година. Ова ќе биде системска акција која ќе се реализира организирано во неделите до крајот на годината. Буџет заедно со народот, наместо затворени во канцеларии и без слух за реалните потрби. Драги пријатели, пред да ве повикам да останете и да ги чуете отчетите на општините и останатите актуелни теми на овој прекрасен политички саем, кој за прв пат го организира полиичка партија во Македонија што претставува иновативно случување кое вреди за внимание, сакам да се заблагодарам на градоначалниците за нивниот ангажман и посветеност. Исто така се заблагодарувам и на советниците и претседателите на совети низ општините за својата посветеност и лојалност кон ветеното и целите кон кои се стремиме. Благодарност и до тимот кој го направи овој прекрасен саем, одржан за прв пат од политичка партија во Македонија. Да останеме на истиот пат на промени што носат иднина, рече тој.

Мицкоски потсети дека апатијата е состојба која значи потврдна карта, согласност за сите лоши политики, а спротивното на тоа е надежта дека може подобро и може поинаку.

– Ние го кажуваме тоа и работиме за тоа. Така ќе стигнеме и до заедничката победа, затоа што на Македонија ѝ требаат победи, ѝ требаат промени и иднина. Така ги браниме и нашата чест, образ и постоење. Да веруваме и да се бориме. За Македонија, за нашиот дом. Да сте живи и здрави! Да живее Македонија, го заврши Мицкоски своето обраќање.

Најнови вести