вторник, 30. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

ЧУМУ Е-ДНЕВНИК, ЧУМУ СЕ’?!

ЧУМУ Е-ДНЕВНИК, ЧУМУ СЕ’?!

Пандемија! Covid-19!

Вонредна состојба за политичарите, вонредна состојба за угостителите, вонредна состојба за судството, за економијата… ама највонредна за образованието! Така одлучија надлежните, не се прекина воспитно-образовната работа заради вонредната состојба, ама затоа упатија на највонредни мерки за организирање на наставата .
Е-учење!

Во време кога на учениците треба да им се покаже дека ништо не мора да се учи и научи токму сега зашто се’ се научува во некое друго подобро време, во време кога на учениците, наставниците и родителите единствено што им треба се сигурност и емоционална стабилност нам најважни ни се повторно оценките. За родителите за упис во средно образование или на факултет, за наставниците средниот успех на паралелката, небаре тоа е најважното, небаре круната ќе им падне на петкашките паралелки, а за учениците стрес!

Но, македонски наставници се тоа, можат, умеат , знаат, а најмногу од се и тоа што не знаат и не умеат, ќе научат. Ама да не се претера малку?! Разбирливо е откако не се заврши наставната година по прогласувањето на вонредната состојба, планирањето, организацијата и реализацијата на е – учењето да се спороведе на начин што е реално можен , а не на идеален начин. И убаво е да се стремиме кон идеалното, ама па и да сме свесни дека не постои. Е, ама нашите надлежни за образование си замислија се’ идеално, впрочем како и за се друго периодов. Незнаење ли е и или несвесност за реалноста?
Откако помина шоковата состојба по прекинот на наставата и радоста на учениците небаре се на распуст, се помина на изнаоѓање решенија како понатаму, како и што да се направи да не ни останат децата ненаучени. И ете така се отиде предалеу.

Притисокот врз наставниците ги помина сите граници. Платформи, снимање часови, па јавни часови, па успешни ли се или не, па еден куп импровизации, па повратни информации, е -портфолија,чуда… внесување податоци,е-состаноци, е еее , што ли е следно Е? Системот неподготвен за ситуацијата, без национална стратегија и без ресурси.

Измалтретирани наставници кои се во виртуелно училиште, измалтретирани родители мислиш сите за се’ се стручни, учениците под притисок (мислам на оние одговорните или со одговорни родители). А ефектот?! Ќе видиме.

Искрено, познавам многу наставници кои во оваа збрканица одлично се снаоѓаат, има и кои одлично знаат што работат и како треба да работат, ама сепак има наставници и тоа поголем дел кои талкаат или воопшто не се заморуваат околу е-учење. Тие најчесто велат: „Еее еее што не поминало, па и ова!“ Не значи дека не се добри наставници, ама ете од новини стравуваат.
И супер, таман некако тргна и со платформи и со е-часови, ама па сега се поставува прашањето колку ученици се вклучени во оваа е-настава. И знам за многумина кои не се, ама па и како да се?! Во семејства каде гладта царува, е – учење нема, таму каде што трошна куќа покрив од априлски снег чува и таму е-учење нема. А треба ли да има и онаму каде што стравот од covid -19 царува, таму каде што тато е во карантин, а баба се плаши да кивне?! Треба ли?! Знаете што треба сега ? Единствено дом што мириса на топол оброк, разиграно семејство, подигање на духот и најважно од се’ чување на здравјето. Да се седи дома и да се чува здравје!

Но, да не бидам погрешно разбрана, немам јас ништо против учењето на далечина, напротив и годиниве наназад па и сега го поддржувам, ама кога би било во нормални услови практицирано (има и такви примери, секоја чест, ука за другите сега се), а и сега во вонредни услови неизбежно најпогодно е, збор да нема…Но, прашањето е колкава е ефективноста на ваков раштиман оркестар. Секое училиште своја песна, ама па и и оваа им е од оние по слободен избор на оркетарски смотри. Па кој што си избрал тоа ќе пее. Слободен избор на училиштата за ресурсите што ќе ги користат за е-настава. Па едни вака, други онака. И тоа не се смета за страшно само да е некако.

Еве, има наставници кои до пандемијава не слушнале за е-учење (па сите не се во чекор со напредокот),има наставници во училишта кои е-учење спроведуваат само оние поупатените, некаде само Х или Y генерација наставници или оние поупорните. Да не се заборави дека за некои наставници овој тип на настава им стана и поле за докажување, дека појавно е од претходно, а и чалам малку пред другите. И ако, ако е ефективно и добро е да се поучуваме меѓусебно, ама ако е! Впрочем па, и, наставниците се даватели на јавни услуги во основното и средното образование. Јавно е се! А и надзор позасилен сега се има, родители, старатели, а и ДПИ е тука. А, да не зборувам за родителите како дополнителни наставници по дома. Се разбира оние поупатените, оти некои и за корка леб се борат.

Овој тип на настава треба да биде збогатување на наставната програма , а не реализација.
И добро, ете, се научи и ZOOM и GOOGLE CLASSROOM и GOOGLE DRIVE, и се снима на големо и не знаеш домот на наставникот дали е студио или виртуелна училница. Тешко на оние наставници што имаат и свои деца ученици. Да креираат е- часови или за е-оценување да помогнат на своите деца. Портфолиото треба да се наполни. Бaтериите на телефоните по двапати се полнат, сметката за потрошен интернет допрва ќе се види.

Некако се фати ред, па колку ученици се вклучуваат тоа е друга тема. А колку и како се реализира е – настава со ученици со посебни образовни потреби? Како и кој?! Ама добро и тоа, на е-пошта имат еден куп испратени материјали за учење, ете се завршило работа. Сега пак новини, нови упатства ,нови правила или стари правила во нови услови. И пак се Е! Ете, е-одделенски совети, е- наставнички совети.

Повторно и тоа не е така страшно, супер, ќе се видиме барем и за здравје ќе се прашаме. Ама, успех ќе треба да се реферира, стекнати знаења да се оценат. Од е-портфолија до е-евидентен лист, преку е-дневник. Имаат ли наставниците и е-потпис???
Туку, е-дневникот како јаготка на тортата. И е-дневник требало. По социјални мрежи прочитав дека наставници и го молат Господ да не проработел. Ете, до таму дошло. Па и вистина наставниците одговорно во истиот миг да си завршат работа и веројатно го оптоварија системот и толку! Или не го бива? Не за друго, кој ќе биде прв е важно, ама па и цела плата ќе се земе. Веројатно ќе се седи пред компјутер во глуво доба за да се внесуваат податоци, да се наполни е-дневникот. Упорни македонски наставници. Занимација без мана.

Комплетна неподготвеност за нешто непотребно. Чуму е-дневник сега?!

А,што ќе се внесува во е-дневникот? Реализирани наставни единици?! Евиденција на оправдани и неопрадани изостаноци? Описни и бројчани оценки? Пак, ќе повторам: занимација без мана. Има ли потреба од ваков притисок за лажна слика. Кој кого лаже? Или сам се лаже?!

Секоја чест за наставници и училишта коишто и во оваа ситуација одлично функционираат и можеби со минимални недоследности ќе се поклопат реалните податоци со оние внесените во е-дневник. Ама, малку се. Што со оние кои се изгубени во овој вртлог. Немаат интернет, немаат компјутер, немаат резервен компјутер затоа што имаат и деца ученици дома па отвораат линкови за е-учење, не знаат како да реализираат е-настава, болни се или се родители на деца до 10 години( за нив мерката не важи)…

Различни се искуствата за реализирање на наставата. Погоре реков секој своја песна и не велам дека не се прави максимум што може,ама аршинот не е ист. Еден наставник снима час, па го следат сите ученици од генерација, па колешка ќе сработи друг час за сите ученици повторно, па еден ден само еден час, друг ден пак само еден час,едни работат за други и сенешто слушнав деновиве.И добро, па вонредна сосотојба е. Проблем е доколку часовите по наставен план и програма се внесат во е-дневник како 100 % реализирани. Ви се молам!

Дури има некои и само по е-пошта ќе им испратат наставни ливчиња или линковски врски до конкретни теми, и без повратна информација ќе треба и да оценат. И тоа оценувањето е најмал проблем, велат си ги знаеле учениците кој колку знаел или колку може да научи. Ете и за ова тримесечие знаат. Немаат верба дека родителите дома повеќе ги научиле, а можеби и се во право, нели?

И во целиот овој непотребен хаос, единствено се радувам што добар дел од наставници без стекнати ИТ вештини ќе се стекнат барем со минимум компетенции или оние со минимум ќе ги развијат. А за е-дневник си знаат од порано, така што….

Чуму е-дневник, чуму се’ ?

Впрочем се’, ама баш се’ од ова е најмалку важно. Дури и да ја пречкртаме оваа учебна година, неважно е, ќе пристигне друга, ама треба некој да ја пречека. Да се чуваме, да се крепиме, ум да не држи, чедата да си ги погалиме, да ги научиме на истрајност и корисно потрошено време! Е, тоа е најважно! А денешниве ученици без грижа, секако ќе знаат и умеат повеќе од сите нас. Сите сме свесни за тоа, нели?

Пандемија! COVID-19, a април 2020!

Епа, чуму е-дневник, чуму се’?!

Колумна на М-р Милка Тримчевска

Најнови вести