По најавите за нови врнежи од дожд и снег, Центарот за управување со кризи препорачува единиците на локална самоуправа да ги задолжат јавните претпријатија да ги проверат сите критични места на кои е можно излевање и поплавување на реките.
Се препорачува и проверка на состојбата со мрежата на одводните канали и на другите водни објекти на територија на општините. Потребно е општините да ги известат и земјоделците да ги заштитат земјоделските површини на кои имаат засадено култури.
Од Центарот за управување со кризи ги потсетуваат граѓаните доколку имаат потреба, да го користат бесплатниот телефонски број за итни повици 195.
Под влијание на влажна и постудена воздушна маса за време на викендот се очекуваат нови врнежи од дожд, а на повисоките места и планините врнежи од снег. Пообилни врнежи ќе има во јужните и југозападните делови, особено во сабота. Вкупната количина на наврнат воден талог во овие делови се очекува да надмине 30 л/м2. Границата на снежните врнежи ќе биде пониска во недела и ќе се спушти до околу 800 метри надморска височина. На повеќе места ќе се формира снежна покривка, а на планините во западните и јужните делови позначително ќе се зголеми.