Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев од собраниската говорница посочи дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски е поднесено барање до Џафери да се овозможи обраќање во Собранието на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со оглед на фактот што во овие моменти во законодавниот дом се расправа за потребата од Уставни измени кои имаат суштинско влијание и значајноста која овој период ја има за иднината на Република Македонија.
Тој нагласи дека тоа право го овозможува Деловникот за работа на Собранието каде согласно Член 72 став 2 претседателот на Собрание може да покани на седница на Собрание да присуствуваат и во работата да учествуваат претставници и на други органи или организации.
– Господине Џафери со оглед на ситуацијата во која се наоѓа Република Македонија и ние како пратеници, граѓаните на Република Македонија , уште еднаш ќе апелирам бидете на ниво на задачата која што ја извршувате и овозможете претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да се обрати и пред Собранието и пред Македонските граѓани.
Данев потсети дека имало такви пракси во историјата на овој парламент кога Филип Петровски како лидер на студентските протести во далечната 1997 се обрати во Собранието.
– Во овој момент треба да овозможите господинот Христијан Мицкоски како претседател на најголемата опозициона партија да се обрати пред јавноста и парламентарниот состав, истакна Данев.