недела, 10. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Дебатата во собраниската Комисија за продолжување на кризна состојба во енергетиката продолжува утре

Дебатата во собраниската Комисија за продолжување на кризна состојба во енергетиката продолжува утре

Членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност и денеска расправаа за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

По расправата во матичната комисија, а по нејзиното завршување и на пленарна седница ќе може да се гласа да продолжи за уште половина година кризната состојба во оваа област, што е во сила со одлука на Владата од 1 септември. Седницата по овие точки ќе продолжи утре во 11:30 часот.

Образложувајќи ја Предлог-одлуката, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи увери дека граѓаните на Град Скопје да бидат спокојни оти топлинска енергија ќе добијат на 15 октомври. Тој посочи дека деновиве би требало да биде исполнет условот за добивање на лиценца на ЕСМ за производство на електрична енергија.

– Кризната состојба ни овозможува механизам за да обезбедиме топлинска енергија првиот ден кога тоа е потребно. Петнаесети октомври е денот кога треба да почне испораката на топлинска енергија. Ако во три последователни денови температурите се движат под просечните 12 степени,  грејната сезона може да почне и порано, рече Битиќи.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека државата не е подготвена за периодот што следува, бидејќи како, според нив, не обезбедила гас и енергенси по конкурентни цени. Тие сметаат дека е „крајно срамно“ во 21 век Владата да се препукува со приватните оператори. Опозициските пратеници потенцираа и дека е крајно непочитување „четири-пет дена пред почеток на грејната сезона да се дискутира за кризна состојба“.

Тие ја обвинија Владата дека требало да преземе активности и уште во месец август и требало да преговара за набавка на гас за грејната сезона. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат и дека заради неподготвеноста на државата околу грејната сезона, 66 илјади домаќинства, над 20 илјади компании и училишта во Скопје може да се соочат со ладни радијатори. (МИА)

Најнови вести