Првата група на бугарски пожарникари кои беа испратени да помогнат во гаснењето на пожарите во Македонија се вратија во Бугарија. Бугарската национална телевизија (БНТ) јави дека 25 пожарникари се вратиле во Благоевград и Смолјан.
Тие една недела со три противпожарни возила се бореа со пожарите во Северна Македонија.
Бугарските пожарникари, како што јави дописникот на МИА од Софија, беа испратени на 4 август кога пожарот се приближуваше кон бугарската граница.
– Директорот на Противпожарната бригада во Благоевград, Георги Пармаков изјави дека пожарите во Северна Македонија биле од големи размери кога отишле во Делчево и Пехчево. Тие работеле во селото Чифлик, а следниот ден кога пожарот се проширил во повеќе правци и им се заканувал на неколку села во областа, бугарските пожарникари морале многу брзо да се преселат од Пехчево кон Истевник, поминувајќи низ оган. Пристигнувајќи во селото, тие заедно со своите македонски колеги почнуваат да го гаснат пожарот и да го ограничуваат за да не се префрли на куќите на локалното население. Во гаснењето помагаа и пожарникари од Австрија и Словенија, се вели во извештајот на БНТ.
Според БНТ, во Македонија има останато уште 27 бугарски пожарникари кои ќе продолжат да помогаат до целосно гаснење на пожарите.
Бугарските пожарникари беа испратени во Македонија откако бугарската Влада одговори на повикот за помош на почетокот на август.