вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ положи свежо цвеќе на гробот на Трајковски

Денес се одбележува 14 годишнина од трагичната смрт на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар, Република Босна и Херцеговина.
Делегација на ВМРО-ДПМНЕ положи свежо цвеќе на гробот на Трајковски

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од  членот на ИК, Коце Трајановски, во придружба на  Нермин Теловска, положи свежо цвеќе на гробот на поранешниот Претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, на Алејата на великаните, гробишта Бутел.

Денес се одбележува 14 годишнина од трагичната смрт на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар, Република Босна и Херцеговина.

Борис Трајковски е втор претседател на Република Македонија, тој должноста ја презема на 15 декември 1999 година, должноста ја извршуваше до 26 февруари 2004 година.

Како претседател беше посветен на демократски идеали, слободна пазарна економија, отворено општество и владеење на правото, вредности кои се рефлектираа во неговата кампања и во неговиот мандат.  Трајковски се залагаше и за на евроатланската ориентација на Република Македонија а значаен е неговиот придонес во надминување на воената криза од 2001 година. Со своите лидерски способности придонесе Македонија и македонските граѓани побезболно да минат низ најтешкиот период од независноста на Република Македонија.

Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во 1980 година. Специјализирал деловно право и право на работни односи.

Од  1997 до 1998 година беше шеф на Кабинетот на градоначалникот на Општина Кисела Вода – Скопје,  а од 21 декември 1998 година е заменик министер за надворешни работи на Република Македонија во владата на ВМРО-ДПМНЕ,  предводена од Љубчо Георгиевски.

Траjковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешно – политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,  член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија, член на меѓународната конференција: “Решавање на конфликти” со седиште во Атланта, САД, учествувал на многубројни меѓународни конференции со тема решавање на конфликти, религиозна толеранција, религиозна слобода, бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.

Претседателот Борис Трајковски беше почитуван од сите негови колеги и државници не само во регионот, туку и од целиот свет,  доказ за тоа е средбата со тогашниот американски претседател Џорџ Буш, кога Трајковски беше пречекан со највисоки претседателски почести во Белата Куќа.

„Ние мора да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од колективни групи и граѓани, не од етнички групи. Моја визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и корупцијата“, говореше Борис Трајковски.

Борис Трајковски должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.

Најнови вести