До редакцијата на КУРИР пристигна демант од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во врска со прес конференцијата на Наум Стоилковски.
Демантот во продолжение ви го пренесуваме во целост:
„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ги демантира наводите искажани од страна на г-динот Стоилковски на прес конференција на 7.6.2021 година како неточни и невистинити.
РКЕ ја известува јавноста дека во процесот на издавање сите лиценци воопшто се води од стандардите кои се предвидени во Законот за енергетика и соодветни прописи и истите во целост се применети и за предметната лиценца.
Согласно Законот за енергетика член 38 став 4 “Лиценцата се издава за период од три до 35 години во зависност од видот на енергетската дејност, видот и обемот на обврската за обезбедување јавна услуга во вршењето на енергетската дејност, обемот на средствата потребни за извршување на енергетската дејност, времетраењето на правото за користење на соодветниот енергетски ресурс, како и од барањето доставено од вршителот на енергетска дејност.”
За појаснување – датумот на важење на лиценцата не може да биде подолг од датумот на важење на договорот за закуп или користење на земјиштето или концесијата/јавно приватно партнерство.
Не сакаме да веруваме дека г- динот Стоилковски кој е претставник на една сериозна партија со умисла и намерно ја доведува јавноста во заблуда. Претпоставуваме дека станува збор за неинформираност и не познавање на секторот.
За својата експертиза и професионалност РКЕ се води од референци од Енергетска заедница која три години по ред не прогласуваат за број еден регулаторно тело.“