петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Деманти и најави за тужби кон Стевчо Јакимовски

Деманти и најави за тужби кон Стевчо Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во емисија на еден електронски медиум, излезе со низа обвинувања кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој навдоно му упатувал закани, а вмеша и повеќе советници на ВМРО-ДПМНЕ. Истите тие советници го демантираат Јакимовски и најавуваат тужби.

Прво се огласи Живко Белчев: „Со длабоко жалење за нивото на комуникација можам да констатирам дека претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски со цел да привлече медиумско внимание се служи со креирани невистинити приказни во кои со жалење можам да констатирам дека го злоупотребува моето име“.

-Во емисија на еден електронски медиум, Стевче Јакимовски вчера раскажува целосно измислен разговор кој јас сум го водел со Советникот од општина Илинден. Целосно го демантирам она што го кажува Стевче Јакимовски. Со Советникот од општина Илинден освен краток пријателски разговор на средбата на обуката во Хилтон ништо друго не беше разговарано. А кога се однесува на делот на апсење и носење со лисици, можам само да го потсетам Стевче Јакимовски кога власта го апсеше со финансиска полиција во доцните часови на таа ноќ јас бев еден од десетината луѓе кои стоеа пред зградата на Финансиската полиција за да му дадат поддршка. На крај сакам и јавно како што тоа го сторив и во личната комуникација со Јакимовски, да го замолам да не го валка моето име во јавноста. Ниту го споменувам, ниту сакам да ме споменува, напиша Белчев на Фејсбук.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ во општина Илинден, Горан Гочевски се оградува дека имало какви било муабети.

„Почитувани, во понеделникот бев присутен на обука организирана од УСАИД заедно со повеќе колеги советници од повеќе општини. Таму се видов и со колегата Живко Белчев од Гази Баба со кој имамвме само едно куртоазно поздравување. Сакам да потенцирам дека со него на тој настан воопшто не сум разговарал наполитички теми и не се спомнати ниту Христијан Мицкоски ниту пак Стевче Јакимовски. Ова го пишувам само да се оградам од злоупотреба на моето име во разни политички пресметки“, истакнува Гочевски.

Демант и најава за тужба, Јакимовски доби и од Илија Тозија.

„Народот вика “уценет човек жив ѓавол”, така некако изгледа и реакцијата на Стевчо Јакимовски и неговите континуирани лаги врз мене, за наводен рекет, притисоци, уцени и закани. Демек некој ќе поверува дека Стевчо Јакимовски “под уцена и присила” ги изгради сите оние згради низ Карпош и уште десетина нови кои ги планира. Не сакам да ги коментирам и оние лични навреди, фрустрирани реакции на Јакимовски и неговата дружина против мене, што само ја покажува состојбата во која тие се наоѓаат и интересите кои седат позади тоа. Одговорно тврдам дека немам никаква врска со бизнис градежните планови на Јакимовски, ниту пак сум учествувал во било што. За таквите лаги и клевети барам јавно извинување во рок од 24 часа или пак спротивно истото ќе мора да го докаже Јакимовски пред суд“, вели Илија Тозија.

Најнови вести