Елена Митева до лани ја водеше утринската емисија на телевизијата Телма, за набргу да влезе во нова улога – владина водителка. Со стартот на пандемијата таа снимаше интервјуа со министрите кои се емитуваа во живо на владините социјални мрежи. Од први јануари годинава и формално е вработена како советник на премиерот. За себе вели дека е вистинскиот човек на вистинското место. Но, и покрај ваквиот ангажман кој е уреден со Етички кодекс за вработените во Владата, таа се појави во маркетинг видео и промовираше нови телефони на Самсунг, објавува Истражувачката репортерска лабораторија Македонија ИРЛ.
До пред речиси една година, Елена Митева ја водеше утринската емисија на телевизијата Телма, а повремено работеше и свои приватни тезги, најчесто поврзани со работа на промоции на брендови и разни настани за приватни клиенти. Нејзиното работно искуство вклучува и други проекти на телевизиите како Сител. Првата работа во политика на Митева и беше водителството, кога минатата година среде пандемија владата ја ангажираше хонорарно за да води емисии со министрите во владата. Истите се стримуваа на социјалните мрежи.
Од први јануари годинава, таа стана вработена со полно работно време во Кабинетот на претседателот на Владата Зоран Заев. На страницата на Владата може да се прочита нејзината плата и називот на функцијата: Советник за организација на медиумски настани.
По едвај три недели од нејзиното формално вработување, Елена Митева се појави во сосема друга улога, како промотор на последната генерација телефони на “Самсунг”.
На 20 јануари на официјалната страница на брендот “Самсунг” беше споделено маркетинг видео во кое што Елена Митева ги презентира новите телефони на брендот и ги повика граѓаните следниот ден да гледаат уште едно видео со неа во живо на социјалните мрежи. Таа е претставена како лицето кое ќе не води низ кампањата во Македонија откако новите телефони ќе доживеат глобална промоција една недела порано.
Во телефонски разговор за ИРЛ, Митева се согласи дека нејзината нова функција е во конфликт со работата за Канцеларијата на Претседателот на Влада, но таа тврдеше дека видеото е снимено во ноември, кога во владата имала само хонорарен ангажман. Договорот го склучила со агенцијата “Публицист”, која што минатата година ја ангажирала да работи на дигиталната кампања на брендот. Митева тврди и дека јануарското видео било снимено однапред, во ноември. Веднаш штом ја добила постојаната работа во Кабинетот на премиерот, според нејзините тврдења, таа ја известила маркетинг агенцијата дека видеото не би можело да оди поради конфликтот со новата позиција, а кај своите надлежни во владата пријавила дека имала ваков ангажман.
“Бев запрепастена кога го видов видеото на 21 јануари”, рече таа во разговор со ИРЛ. “Не знам зошто е пуштено, најверојатно некој сака да ми наштети мене лично, а со тоа и на угледот на премиерот и на владата“, тврдеше Митева во долгиот разговор со ИРЛ.
На промотивното видео се преставуваат последните телефони и нивните дизајни, нешто што Самсунг го чува како корпоративна тајна се до големата промоција на уредите пред десетина дена, во јануари годинава. Се запрашавме дали е можно Елена Митева и агенцијата уште во ноември да ги имаат овие деловни податоци за да можат да снимаат видеа однапред. Се обративме до маркетинг агенцијата со цел да ја потврдиме приказната на советничката.
Целата сторија прочитајте ја ТУКА.