Четврта измината ноќ како гори депонијата во Ново Село во општината Ѓорче Петров. Вчера по 22 часот повторно огромна смрдеа, чад од запалена гума или пластика ги покри населените места околу депонијата. Жителите на населбата Даме Груев сведочат дека секој ден по 21 часот некој ја пали депонијата по што настанува загадување на воздухот од големи размери.
– И изминатава ноќ како и претходните три депонијата гореше. Чадот беше толку густ што сите се повлековме во своите домови и затворивме врати и прозорци иако беше доста топло надвор. Пречистителната станица во Ново Село беше потоната во густ чад кој по течението на реката Лепенец се протегаше се до Карпош.
Волково, Ново Село, Даме Груев, Бардовци, се до Карпош 4 се зони кои стануваат гасни комори од кои мора да се бега. Или депонијата или луѓето – властите нека бираат! – сведочи за Скопје Инфо жител на населбата Даме Груев.
Проблемот со депонијата во Ново Село е повеќегодишен. Дел од депонијата се исчисти и се покри со земја, но, дел се` уште служи за фрлање на стар мебел, градежен шут и отпад од различен вид. Општината и градот се немоќни да го сопрат ова еколошко лудило кое се случува на само неколку километри од центарот на главниот град.
Жителите на општината Ѓорче Петров велат дека ноќните часови, кога стражарската служба не работи, е времето кога крајно дрски престапници освен што фрлаат ѓубре истото го палат и бегаат од депонијата.