петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Десетти ден расправа за ребалансот на Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет

Десетти ден расправа за ребалансот на Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет

Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе ја продолжат амандманската расправа за ребалансот на буџетот за оваа година. Согласно Деловникот за работа, амандманската расправа трае десет дена и се очекува да заврши денеска.

Расправата за ребалансот на Буџетот за 2022 година почна на 13 јуни година. Ребалансот на државната каса, како што образложи министерот за финансии Фатмир Бесими, има две цели – да ја задржи стабилноста и да ги поддржи економијата и граѓаните.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи…

Економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти што е намалување за 1,4 процентни поени во однос на макроекономските проекции кога се креираше Буџетот, а стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари односно 5,3 проценти од БДП што е за 9,1 процент повеќе во однос на првичниот буџет. Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг, како што беше посочено на презентацијата на ребалансот, ќе се финансираат преку задолжување од меѓународниот и домашниот пазар.

Во ребалансот на Буџетот предвидени се околу 70 милиони евра за антикризни мерки кои, како што најавуваа владини претставници во изминатиов период, ќе бидат таргетирани кон оние на кои им се најпотребни.

За пратениците од власта, со ребалансот се овозможува продолжување на досегашните мерки и политики за справување со последиците од светската економска криза. Ставот на опозицијата е дека овој ребаланс е директен доказ за тоа дека земјава е на раб од банкрот, економски разрушена, испокрадена, во која на дневна основа се зголемува сиромаштијата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека државата никогаш немала повисока стапка на јавен долг и оти имаме највисока инфлација во последните 20тина година, огромен недостаток на домашно производство на електрична енергија, најнизок економски раст во регионот, но, и како што нагласија, најкорумпирана власт која за пет години успеала да уништи сиот институционален капацитет кој се создавал во минатото.

За пратениците од СДСМ, пак, преку овој ребаланс со одговорен пристап се остварува заштеда на сериозни средства кои ќе се искористат за директна помош за граѓаните и стопанството.Се крати секаде каде тоа е можно за да се супституираат ценовните шокови кои ги има во целиот свет.

Членовите на собраниската Комисија вчера разгледаа 50 амандмани, но ниту еден не беше прифатен. Амандманите најмногу се однесуваа на земјоделството, хидросистеми, канализација и комунални мрежи.

Поднесени се вкупно 204 амандмани, од кои над 170 од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, 28 на Алијанса на Албанците и два од парламентарното мнозинство.

Во Собранието за попладне е закажана и седница на Законодавно-правната комисија, на чиј дневен ред се Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година и три барања за автентично толкување на членови од законите за здравствена заштита, за облигациски односи и за урбанистичко планирање.

Најнови вести