Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје (ГАК) преку соопштение информира за извршените вонредни инспекциски надзори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат:
Во врска со информацијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат од извршените вонредни инспекциски надзори на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство и на Клиниката за психијатрија, во врска со родилката која на 02.07.2023 година имаше обид за самоубиство скокајќи од првиот кат на ЈЗУ У ГАК-Скопје, информираме:
Пациентката која се породи на ден 28.06.2023 година на ЈЗУ У ГАК-Скопје, два дена по породувањето се пожалила на лесна вознемиреност на медицинскиот персонал во дневна смена од одделот за родилки – Пуерпериум. Според сите протоколи, таа веднаш е видена од стручно лице за ментално здравје – психолог магистер по клиничка и советодавна психологија, кое е стручно лице вработено на ЈЗУ У ГАК-Скопје за проценка на вакви состојби.
По извршениот разговор со стручното лице не е нотирано дека пациентката пројавила симптоми кои укажуваат дека постои закана од суицид.
Поради веќе утврдените симптоми на лесна вознемиреност, истиот ден е креиран упат за проценка на натамошната состојба и за евентуалната потреба од дополнителна терапија од страна на психијатар пред испис.
Напоменуваме, проценката од стручното лице била дека се работи само за знаци на лесна вознемиреност која е честа состојба кај родилките и не е индикација за ургентно да се повика психијатар.
Со оглед на тоа што ваквата симптоматологија е мошне честа меѓу породените пациентки, минатата година Клиниката за гинекологија и акушерство во соработка со Клиниката за психијатрија иницираше изработка на Студија за проценка на перинаталното ментално здравје. Од студијата се заклучува дека ваква симптоматологија пројавуваат дури 72% од испитаничките во перинаталниот период, а истата не претставува ургентна состојба за итна потреба од психијатар.
Од дежурните служби во текот на викендот кога таа престојува на ЈЗУ У ГАК-Скопје (01 и 02.07.) не е рапортирано влошување на нејзината состојба, односно немала знаци за сериозно нарушување на менталната состојба.
Пациентката на ден 01.07. направила и соодветен контакт со бебето, што е адекватна емотивна реакција кон нејзиното новородено, и што не покажува емоционална состојба која упатува дека родилката ќе направи обид за суицид.
На ден 02.07. поради појава на симптоми на лесна вознемиреност, пациентката неколку пати е посетена и е извршен разговор со дежурниот лекар при што е ординирана соодветна анксиолитична терапија и повторно е креиран упат за проценка и за евентуална потреба од назначување на третман од страна на специјалист психијатар веднаш по исписот, што беше планирано да се случи на ден 03.07.2023 година.