Голем број на хумани македонски граѓани станаа жртва на дрска измама.
Разработена шема за злоупотреба, пеколен план и несовесна реализација на истиот. Повеќе идентитети на мажи и жени зад кои се крие едно лице, различни припејд бројчиња и приказни, а целта иста – да се измамат граѓани кои сакаат да помогнат во хуманитарни акции.
Без официјална истрага од полицијата и оние кои земаат пари од народот да решаваат вакви случаи, почнаа да истражуваат луѓето кои дознаа за случајот. Следејќи ги врските за да се најде измамникот или измамниците, сите патишта ги однесоа во затворот Идризово. Затвореник кој иако е таму, очигледно ужива целосна слобода, стои зад овие дрски измами.
КУРИР се вклучува во раобличување на оваа голема измама. Дел од изманипулираните граѓани ја контактираа нашата редакција, а понатаму истражувањето го продолживме со други вклучени лица.
Да почнеме со ред…
Живееме во време кога, за жал, на се повеќе наши сограѓани им треба помош. Собираме пари за лекување на деца и возрасни, за плаќање на сметки, за пакети со храна… Кој колку може и сака да помогне. Многупати сме докажале дека сме хумана нација и дека сакаме да помогнеме на оној кој има потреба од помош.
Но, за жал, во последниов период сме сведоци на бројни измами, на кои мораме да реагираме за истите да станат лекција за измамниците, а не да разбудат дилеми и несигурност кај луѓето кои донираат.
Измамата за која пишуваме денес не трае два дена или два месеци, туку, верувале или не – цели две години! Тоа се 24 месеци во кои граѓаните се жртви, а надлежните не превземале ништо.
Човекот со “повеќе лица“ стапува во контакт со луѓе кои споделуваат хуманитарни апели на социјалните мрежи или се организатори на дел од нив. Пишува од различни профили на Фејсбук, машки и женски. Се претставува како лице кое сака да донира хуманитарно, но не живее во Македонија или е тука, но бара начин побрзо и полесно да “донира“.
На неговите “жртви“ им вели дека сака да им прати пари на нивна сметка, за тие потоа да ги пренасочат и дадат во некоја од хуманитарните акции, каде се собираат пари. Ги убедува дека за да им прати пари преку банка тие треба да му ги испратат своите лични карти, поради потребните податоци. Граѓаните, верувајќи во неговата добра намера, му испраќале фотографии на кои се гледаат сите податоци од личната карта.
Дури им барал и на фотографиите да го има нивниот лик за да биде сигурен дека знае каде донира. Тука лежи клучот на една од измамите – фирмите кои даваат брзи кредити за кои се аплицира онлајн, бараат токму вакви фотографии! Им барал и број на здравствена легитимација.
Измамените лица мислеле дека прават добро дело, а всушност поради непромисленост во даден момент станале жртви на измама. Дел од нив тоа го сфатиле веднаш, а другите дури подоцна.
Со овие нивни информации, тој си аплицирал за брзи кредити и ги добивал истите. Парите не ги подигнувал во кеш, туку продолжувал со својата измамничка дејност.
Нарачувал клима уреди, телевизори, бела техника, разни апарати и преку неколку карго фирми барал да му се испратат на адреси во Скопје и во други градови. Дел од адресите биле непостоечки па вработениот во карго не можел да најде каде да ја достави пратката.
Со податоците на измамениот купувал и картички со припејд бројчиња од операторите, подготвувајќи се за следната жртва.
Сето ова, според нашите информации, го прави додека отслужува казна затвор!
-Имав споделено апел за помош и ме контактираше една жена од својот личен профил. Ми кажа дека сака да прати пари, но не живее во Македонија и нема македонски број за да може да донира на тој начин. Ми кажа дека чека пред Вестерн Унион и дека треба побрзо да и пратам податоци. Договорот беше, таа мене да ми префрли пари, а јас истите да ги дадам онаму каде што беше потребно за хуманитарната акција. Не знам како дозволив да бидам измамена, не ми е прв пат да организирам акции и знам дека треба да ги штитам личните податоци, но ми се случи и мене измама. Неофицијално дознав дека профилот на жената која мислев дека ми пишува, всушност бил хакиран од нејзиниот поранешен сопруг, кој сега е во затвор, вели соговорник на КУРИР.
Жената со која разговаравме, случајот го пријавила во полиција. Од таму добила одговор „И вас ли ве измамија“? Не зеле изјава и не направиле записник.
Следното “жртвено јагне“ сега има терет на грб кој со месеци треба да го исплаќа од семејниот буџет.
Од податоците кои ги пратил, измамникот зел брз кредит, без негово знаење. Парите не ги видел, но долгот заедно со каматата ќе треба да ги плаќа сам.
Со трето лице со кое стапивме во контакт разговаравме за измамата која станала очигледна на многумина, но и за непостапувањето на одговорните, што му дава слобода на измамникот да продолжи да “оперира“.
-Неколку лица пријавија во полиција дека се измамени, но никаква заштита од МВР не добија. Од полициска станица ги препраќале правда да бараат на друго место. Им велеле „Зошто сте праќале информации“, „Леле и вас ве измамиле“, „Види го овој, уште вака прави“… Исто и од каргото. Велат не знаеме кој и каде праќа пратки, а не е нивна работа да проверуваат кој од каде плаќа, вели соговорникот на КУРИР.
МВР по пријавите не превзема ништо!
Проблемот оди дотаму што измамникот се претставил и како лице вработено во МВР. Така добил доверба од некој од луѓето, но од друга страна токму тоа станало сомнително на дел од нив кои се откажале од комуникацијата со него.
Нашиот извор во обидот да го фати измамникот остварил разговор со него преку Месинџер каде комуницирале. Употребувал женски профил под името Анета, а гласот кој се обидувал да го “истенчи“ бил рапав и машки.
КУРИР поседува разговори кои измамените ги правеле со измамникот и од нив ќе го видите начинот на кој се одвивала неговата шема.
Истите ќе ги објавиме во текот на утрешниот ден.
Во меѓувреме, бидете внимателни кому давате лични информации бидејќи можете да станете жртва!
„Личен податок“ е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува (субјект на лични податоци), а физичко лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на идентификатор како што се име и презиме, матичен број на граѓанинот, податоци за локација, идентификатор преку интернет, или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, генетски, ментален, економски, културен или социјален идентитет на тоа физичко лице.