Професорите на Економскиот факултет во Скопје Славе Ристевски и Драге Јанев се осудени на 2,5, а нивниот колега Бобек Шуклев на две години затвор за случајот „Еразмус”, односно за земање пари од студенти за полагање на испити.
Демонстраторот Драган Денковски доби условна казна од две години, а професорот Стојан Дебарлиев е ослободен од обвинението.
Судечкиот совет денеска покрај затворските казни, на осудените професори им изрече и мерка забрана за вршење дејност од 10 години.
-Обвинетиот Шуклев се осудува на казна затвор во траење од две години, Драги Јанев за секое кривично дело му утврдува казна затвор во траење од две години и му изрече единствена казна затвор во траење од две години шест месеци. Обвинетиот Славе Ристевски му е утврдена казна затвор од две години за секое кривично дело и му се изрекува единствена казна затвор од две години и шест месеци. На обвинетиот Драган Денковски му се утврдува казна затвор во траење од по 10 месеци за секое кривично дело и му се изрекува единствена казна алтернативна мерка условна казна во траење од две години која нема да се изврши доколку обвинетиот не стори некое кривично дело. Обвинетиот Стојан Дебарлиев се ослободува од обвинение за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ поради тоа што не е докажано дали има сомнение дека го сторил делото за кое се гони, соопшти судијата Владимир Туфекџиќ.
Судијата Туфекџиќ образложи дека професорот Шуклев преземал дејствија кои по својата природа повлекуваат не само морална и етичка осуда, туку и осуда во кривично-правна смисла. За обвинетиот, судот утврдил дека тој ги преземал дејствијата кои му се ставија на товар и директно побарал илјада евра од студентот означен со псевдоним УЦМП01 да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши, односно да напише две оценки како студентот би ги положил испитите по предметите Менаџмент на мали бизниси и Основи на менаџмент. Обвинетиот ги прекршил и правилата на совесен и одговорен професор на начин што побарал од студентот да има сексуален однос за да му помогне да добие испити како што самиот кажал во видеоматеријалот од ПИ мерките каде што е снимен и му нудел на студентот заедно да престојуваат во ресторани, хотели и шопинг центри надвор од државата.
Професорот Драги Јанев интервенирал за своите колеги да извршат дејствија што не смееле, па за возврат и тој, како и професорот Шуклев сакал и барал да има сексуални односи со студентот под псевдоним УЦМП01.
Славе Ристевски индиректно примил подарок од илјада евра за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши и на студентите УЦПМ01 и УЦПМ02, мотивиран од примениот подарок од илјада евра им напишал оценка шест по предметот Статистика, бизнис и економија.
Драган Денковски според судот бил посредник преку кој обвинетите професори земале парични средства за да извршат дејствие што не смееле да го извршат, односно да напишат оценки на студентите кои не покажале доволно знаење.
Обвинителката ИванаТрајчева, по ресудата изјави дека очекувала да биде донесена осудителна пресуда и тоа за сите обвинети имајќи предвид дека Обвинителството остана до крајот во завршниот збор на обвинението.
-Доколку Обвинителството сметаше дека нема докази за кој било од обвинетите, еве во случајот на обвинетиот Стојан Дебарлиев тогаш ќе се откажеше од кривичниот прогон против истиот во завршен збор, но бидејќи јас останав сметав дека во текот на постапката се изведоа доволно докази од коишто се докажа дека истиот го сторил делото кое што му го става на товар, истакна Трајчева.
По однос на казните, обвинителката рече дека ќе почека да види кои олеснителни или отежнителни околности Судот ги ценел при изрекување на казните, па потоа ќе коментира. Но, Трајчева рече дека не се согласува со судот дека ја ценел и имал во предвид возраста на осудените.
-Она што судот го напомена е дека како особено олеснителна околност која што ја ценел и ја имал во предвид при примена на одредбите за одложување на казната, тоа е возраста, тука морам да кажам дека не се согласувам дека возраста може да се смета како олеснителна околност бидејќи истата таа возраст не ги спречила обвинетите да ги бараат сексуалните услуги и да бараат парични средства за да се положат испити, истакна Трајчева.
Обвинителката нагласи дека е оправдана забраната за вршење дејност од 10 години поради фактот што тие иако се во пензија, можат како вонредни професори да држат предавања. (МИА)