Ако пратениците обезбедат двотретинско мнозинство за отворање на Уставот, во натамошната собраниска процедура можни се само амандмани за тоа кои и колку народи може да бидат дел од Преамбулата, но не и менување на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“, дециден е претседателот на Собранието Талат Џафери.
Промена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“ е невозможно да биде во пакет со иницијативата за отворање на Уставот за впишување на Бугарите и други заедници во Преамбулата, дециден е претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој во брифинг со новинарите ја расчисти дилемата дека ако пратениците обезбедат двотретинско мнозинство за отворање на Уставот, во натамошната собраниска процедура можни се само амандмани за тоа кои и колку народи може да бидат дел од Преамбулата. Менување на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“ ќе треба да почека некоја наредна иницијатива за отворање на Уставот.
Ако иницијативата за отворање на Уставот, Владата ја достави во Собранието во јуни, како што најавува, и ако има двотретинско мнозинство за отворање на Уставот, според минималните рокови, целата процедура за уставни измени ќе трае околу четири месеци, односно би требало да се фатат роковите до ноември за државата да го продолжи евроинтеграцискиот пат. Во спротивно, без 80 пратенички гласа, целата процедура за уставни измени завршува веднаш, односно со глaсањето за потребата од отворање на Уставот.
„Предлагачот обмислил што сакал и вели ние сакаме да има измени во Преамбулата за да влезат и други народи. Нацрт-амандман, по донесена одлука на Собранието за пристапување на уставни измени, не може да поднесе никој надвор од предлагачот (во случајов Владата) на иницијативата. Тие нацрт-амандмани доаѓаат во Собрание, се разгледуваат и секој пратеник кажува мислење. Собранието ги утврдува амандманите и донесува заклучок амандманите да одат на јавна расправа. Предлагачот, односно Владата, ги собира мислењата и до Собранието пушта предлог-амандмани и на тие предлог-амандмани, пратениците и предлагачот, односно Владата, имаат право да поднесат амандмани, но за истата материја. На пример, наместо да се впишат, да речеме 10 народи во Преамбулата, да бидат 8 или наместо 8 да бидат 12. Ако предложените амандмани се прифатат, на Комисија оди извештај со дополнет предлог на собраниска седница и на седницата во делот кадешто има промена може да се поднесат амандмани. Потоа на седницата се усвојуваат амандманите и се гласа со двотретинско мнозинство. Но тоа не значи дека може да се поднесе нов амандман за друга материја“, вели Џафери.
Предлог-иницијативата за уставните измени, откако ќе биде проверена од технички аспект и откако ќе биде преведена на албански јазик, Министерството за правда ќе ја испрати во Владата. Откако Владата ќе ја разгледа и усвои, Предлог-иницијативата ќе биде доставена до Собранието.
Откако работната група за уставни измени предложи, освен Бугарите во Преамбулата да бидат впишани и Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Еѓипќаните, останува дилемата дали дел од Преамбулата ќе бидат и Ерменците и евентуално Торбешите. Според информации од работната група, иако Ерменците првично биле предложени да бидат дел од Преамбулата, поради противење на Турците тие не се наведени во нацрт-иницијативата на работната група.
Партиите допрва ќе треба да се усогласуваат дали Ерменците ќе станат дел од Преамбулата. Турците се против внес на Ерменците поради нивната бројност. Според последниот попис, во Македонија има 61 Ерменец. Пратениците Турци се децидни дека нема да поддржат уставни измени ако во Преамбулата влезат и Ерменците, но и Торбешите за кои како што велат, нема научна потврда дека се народ.
И Џафери, како и претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека нема никаква законска пречка расправата за уставните измени да почне, иако не е обезбедена двотретинска поддршка за уставните амандмани. Според претседателот на Собранието, процедурата за утврдување на потребата од промена на Уставот може да почне, а наредните 30 дена, додека дојде на гласање, да се работи на обезбедување поддршка од 80 пратеника, односно политичкиот дијалог да продолжи. Претседателот на Собранието информира дека освен двотретинско мнозинство за гласање на уставните амандмани, ќе треба да се обезбеди и Бадентерово мнозинство, односно за промена на Преамбулата, како и за промена на амандманот за Комитетот за меѓуетнички односи. Во актуелниот спобраниски состав има 40 пратеници кои се изјасниле како припадници на друга етничка заедница надвор од македонската. Ова значи дека освен 80 гласа „за“ уставни измени, ќе треба да има и 21 глас според бадентеровиот принцип.
Според Џафери, ако не се обезбедат 80 гласа, тоа нема да биде прва иницијатива која не поминала во Собранието, но порача дека оваа иницијатива ги надминува интересите на мнозинството во парламентот и дека е во интерес на граѓаните и на државата.
„Во 2008 година одлагањето на приемот во НАТО нè чинеше 10 години. И не сум сигурен дека добивме на крајот подобро решение. Следното решение за почнување на преговорите со ЕУ ќе биде уште потешко, и тоа се работи што се јасни и коишто јасно треба да се кажат. Оваа генерација политичари треба да ја преземат одговорноста за идните генерации за да бидеме таму каде што ни е местото“, вели Џафери.