Претседателот на Собранието, Талат Џафери вечерва беше домаќин на традиционалната Ифтарска вечера по повод светиот месец Рамазан, на која, меѓу останатите, присуствува премиерот Димитар Ковачевски, собранискиот потпретседател, Горан Мисовски, координаторите на партеничките групи, пратеници и претставници на парламентарните политички партии, како и поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан, првиот човек на Исламската верска заедница, реис ул улемата, х. хфз. Шаќир еф. Фетаи и католичкиот бискуп, монсињор Киро Стојанов.
– На вечерата се следеше вообичаениот ифтарски протокол на кој што се веќе навикнати и претставниците на другите верски заедници, а токму тие различни ритуали и придаваат на оваа вечера необична убавина и духовна сплотеност. Седнувањето на сите гости на заедничката трпеза, и тоа како има моќ на обединување а воедно е и одличен пример кој што треба да им биде показател на сите граѓани дека заедно можеме, и да гладуваме, и да јадеме, и да се насмееме и да си ги споделиме тешкотиите. Токму така како што правеле и нашите предци на овие простори, соопштија од Собранието.