недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Џафери ги отфрли тврдењата дека го прекршил Деловникот кога го одложи гласањето за уставните измени

Џафери ги отфрли тврдењата дека го прекршил Деловникот кога го одложи гласањето за уставните измени

Џафери обвини дека не се цитираат членови од Деловникот до крај со цел да се прикаже поинаква слика од реалната.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека постапил неделовнички кога го одложил гласањето за потребата за уставни измени, по исцрпувањето на листата на говорници на пленарната седница на 18 август. Џафери рече дека „тенденцијата за криво информирање го навело пред граѓаните да ја образложи својата постапка“.

Седницата беше свикана за 18 август според глава 5 на Деловникот во која се пропишани чекорите за текот на една седница, рече Џафери. Како што кажа, продолжението завршило со негова констатација дека претресот е завршен и дека за тоа кога ќе продолжи седницата пратениците ќе бидат дополнително известени. Претседателот на Собранието се повика на членот 81 од Деловникот. Тој обвини дека не се цитираат членови од Деловникот до крај, со цел да се прикаже поинаква слика.

„Чувството за одговорност кон граѓаните е поводот за оваа прес-конференција, а не да враќам на тие кои ги знаат овие процедури. Тенденцијата за погрешно информирање, ме наведе да се објаснувам пред граѓаните. Седницата беше свикана за 18 август, според глава 5 од Деловникот. Таму се регулира свикувањето, текот на седницата и сите чекори. Врз основа на тие постапки, отпочната е седницата, усвоен е дневниот ред, отворен претрес, одржан претрес и завршен претрес со констатанција дека претресот е завршен, како и дека ја прекинувам седницата, а за продолжението дополнително ќе бидат пратениците известени. Ова произлегува од член 81 од Деловникот, кој сакам целосно да го цитирам, а не делумно како што тоа го прават во јавните настапи: ‘Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата кога нема мнозинство и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно’. Ова е ставот врз основа на која е прекината седницата“, кажа Џафери.

Потоа цитираше друга одредба, според кој, времето на продолжување на седницата може да го одреди сам, бидејќи тоа му го овозможува Деловникот.

„Од друга страна, кога веќе се зборува за злоупотреба, нека се преиспитаат сите тие зошто до денес, три години од овој мандат, има незавршени седници во Собранието бидејќи во роковите пропишани во Деловникот не се одржуваат комисиски седници, за да се завршат пленарните“, возврати Џафери.

Денес пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека се повикал на Членот 165 став 1 од Деловникот, иако тој регулира постапка за измени на закон, а не за измена на Устав, за што има и посебна глава во Деловникот. Според него, Џафери морал да го примени Членот 95 од Деловникот, според кој не смее да се одложи гласање за измена на Устав.

„Талат Џафери свесно го прекрши Деловникот за работата на Собранието за да им овозможи на ДУИ и СДС да останат на власт ден повеќе“, тврдеше Лефков.

Инаку, во Член 95 стои дека „Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници“ (не стои дека мора), додека во Член 165 стои дека „ Претседателот на Собранието може расправата по предлогот на законот, амандманите и другите акти од надлежност на Собранието да ја заклучи, а за гласањето по истите да определи ден и час кога Собранието ќе се изјасни“.

Најнови вести