Во однос на ова задолжување за кое се бара мое одобрување, до денес до мене не се доставени потребни податоци од кои ќе се увиди начинот на кој се дошло до процена на бараниот износ. Сметам дека секој одговорен професионалец пред да стави потпис на било кој документ мора да знае што потпишува и има право и должност да бара податоци, дотолку повеќе што во случајов се работи за заем од 90 милиони евра, средства кои треба да бидат вратени во иднина и тоа со соодветна камата како и секој заем, вели во интервју за „Вечер прес“ дополнителниот заменик министер за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Владејачката партија Ве обвинува дека со тоа што повеќе од два месеца одбивате да ставите потпис, го кочите добивањето на заемот од Светска банка од 90 милиони евра. Затоа Владата реши да побара од Државната изборна комисија толкување дали овој заем од 90 милиони евра може да помине без вашиот потпис како дополнителен заменик-министер за финансии. Како работите дојдоа до таму?
-Како што јавноста веќе е информирана во однос на ова задолжување за кое се бара мое одобрување, до денес до мене не се доставени потребни податоци од кои ќе се увиди начинот на кој се дошло до процена на бараниот износ. Сметам дека секој одговорен професионалец пред да стави потпис на било кој документ мора да знае што потпишува и има право и должност да бара податоци, дотолку повеќе што во случајов се работи за заем од 90 милиони евра, средства кои треба да бидат вратени во иднина и тоа со соодветна камата како и секој заем.
Јас имам одговорност пред граѓаните да проверувам што и како потпишувам.
Владата оценила дека треба да се обрати до ДИК, што значи дека ова прашање треба да го адресирате до нив. Уште повеќе што ова покажува дека Владата не знаела за поделеноста на надлежностите, па и требало месец дена истите да ги преиспита.
Тоа што можам да го истакнам е дека ДИК, како што беше информирана јавноста, по ова прашање донесе Одлука со која утврди дека конкретниот заем не е предмет на двоен потпис, што значи дека министерката Ангеловска можела и сè уште може сама без мојот потпис да го потпише договорот за задолжување.
Ова не е и новина ако се има предвид дека во февруари имало задолжување во износ од 13.800.000 евра, исто така преку Светската банка (во однос на договорот за заем за финансирање на проектот за администрирање на социјалното осигурување (во месец февруари), каде не се бараше мој потпис, а патем јас и тогаш бев дополнителен заменик-министер. Зошто ова не се направи без мене до сега доколку се ценело дека е неопходно, повторно ве упатувам да го поставите прашањето до надлежните.
Ако се согледа ситуацијата онака како што е поставена, не е јасно зошто сум обвинувана дека ја „кочам“ постапката. Можеби има врска со претстојните избори, можеби нема.
Мене принципите при вршење на професијата ми се најзначајни, а еден од основните принципи ми е професионален пристап кон работата, што значи не може ништо да се одобри без притоа истото да е издржано и аргументирано.
Да го заокружам одговорот на Вашето прашање, во однос на оправданоста на моето постапување ќе укажам и на тоа дека и покрај Одлуката од ДИК за можноста за потпишување на овој заем без мое одобрување овој заем сè уште не е потпишан. Исто така морам да истакнам дека и покрај ваквите околности што практично значат дека заемот може да се потпише во секое време без мое одобрување, на 16.06.2020 официјално министерката Ангеловска ја извести СБ дека истиот нема да го потпише и одобрувањето на заемот го одложува за после избори. Оттука, оставам вие и граѓаните да ценат…, вели Димитриеска Кочоска.
Целото интервју на Димитриеска Кочоска прочитајте го ТУКА