вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Димовски: Сѐ што прави оваа инсталација од власт е спротивно на секоја демократска норма

Димовски: Сѐ што прави оваа инсталација од власт е спротивно на секоја демократска норма

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Димовски во интервјуто за Република, зборува за своите почетоци во партијата, својот развој и за обвинувањата дека бил соработник на службите, како и за својот став за актуелната политичка состојба, за Законот за јазиците и за начинот на работење на актуелната влада.

Во интервјуто Димовски се осврнува на владеењето на СДСМ во изминатите девет месец.

-Кога би биле во ситуација јас да сум професор, а тие студенти, со сѐ ова што го направија и го прават, не би им дозволил ниту во дворот на факултетот да влезат, а не пак да се појават на испит. Сѐ што прави оваа инсталација од власт е спротивно на секоја демократска норма, спротивно на секоја економска логика, спротивно на секое политичко однесување, спротивно на сѐ што е нормално. За какви реформи зборуваме? За реформата на денот на закројување на лозјата премиерот да закројува на црвен тепих? Или за свечено отворање на автобуска постојка во ГТЦ? Единствените реформи во областа на економијата кои се видливи се во делот на овозможување на лично богатење на високи владини функционери и овозможување на одредени групи преку рекет и уцени да се збогатат, како и падот на скалата за перцепција на корупцијата за 17 места од претходната година. Во делот на демократизацијата на општеството и реформите во судството, единствена реформа што ја направија е инсталирање на роднини и лични пријатели во правосудниот систем и држење на невини луѓе по затворите, а ослободување на разно-разни криминалци. Во делот на надворешната политика, единствени реформи се откажувањето од македонскиот јазик и македонското малцинство во соседна Бугарија и напрегањето од петни жили да ѝ угодат на Грција и на нејзините нездраворазумски барања за самопоништување на македонскиот идентитет. И ова е една од „поисториските“ реформи, вели Димовски.

Тој посочува дека во делот на надворешната политика, дополнително може да се набројат и срамотењето на Република Македонија од страна на премиерот и неговите соработници преку нивните јавни настапи и учество на разно-разни настани, но и однесувањето на вицепремиерот како да е член на влада на друга, соседна, земја.

-Девет месеци се повеќе од доволен период за да се постават контурите на реформите и тие да почнат да се спроведуваат. Каде гледате некоја позитивна реформа? Во здравството, во образованието? Во социјалната политика – за ранливите категории, за стечајците, за пензионерите? Во економијата – во зголемувањето на личните приходи и права на работниците? Во правосудниот систем, каде што се поставуваат судии и обвинители по мерка на власта? Каде? Сѐ што ветија и кажаа – излажаа. Во овој момент, со начинот на кој владеат, се случува најголемиот социјален и економски егзодус на македонскиот народ. И брзо ќе дојде времето кога ќе одговараат за ова сестрано велепредавство кое го спроведуваат. Господинот Јункер е очигледно неинформиран или излажан за тоа што прави оваа влада и што се случува во нашата држава. Верувам дека тоа е причината заради која тој изјавува дека кај нас се случуваат историски реформи. Овие реформи секако ќе бидат запишани и запаметени во историјата, но само по злото кое власта го спроведува врз сопствениот народ и нашата држава, нагласува Димовски во интервјуто.

Најнови вести