четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Дислокацијата на Центарот за зависници заглавува низ лавиринтите: Од Бардовци добија НЕ, од Гази Баба допрва ќе пристигнат пречките

Дислокацијата на Центарот за зависници заглавува низ лавиринтите: Од Бардовци добија НЕ, од Гази Баба допрва ќе пристигнат пречките

Каде, како и кога да се дислоцира Центарот за зависници во општина Кисела Вода? На овие прашања изминатиов период се судрија ставовите на здравствените власти, општините, граѓаните.

Најновата одлука која ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче, ги разгневи граѓаните на општина Гази Баба. Имено, Установата за третман на зависностите од дрога ќе биде префрлена во поранешнара менза на фабриката „Металски Завод-Тито“.

Министерството за здравство веќе има добиено решение од градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски. Дислокацијата треба да се случи до крајот на годинава.

Но, во пракса, вистината е сосема поинаква. Станува збор за објект кој не е во сопственост на општината, за таа да може да дава согласност за користење. Од друга страна, ако веќе општината треба да се изјасни, оваа одлука мора да помине низ Советот, односно за неа да гласаат советниците од сите партии. Како Георгиевски сам одлучил дали нешто може или не смее да се случи, тоа допрва ќе треба да се обелодени.

Главниот проблем поради кој се јави потреба за дислокација на Центарот за зависници се ужасните услови и чувството за небезбедност меѓу граѓаните на општина Кисела Вода. Овој Центар требаше само времено да биде лоциран во општината, но таму е останат веќе 20 години.

Сега, ќе биде решен проблемот со стравот кај граѓаните од Кисела Вода, на грб на граѓаните на Гази Баба.

Како што дознава КУРИР, оваа одлука ја нема донесено општината, туку градоначалникот лично. Граѓаните кои ја контактираа нашата редакција не го кријат својот револт.

Тие првично се огласија на социјалните мрежи, а имаат и формирано иницијативен одбор кој во наредните денови ќе превземе низа на активности против отварање на ваков Центар во Гази Баба.

„Почитувани сограѓани, заедно да кажеме СТОП за намерата на Владата, Центарот за зависници од Кисела Вода да го смести во кругот на фабриката во МЗТ во општина Гази Баба. Како граѓани немаме против оваа категорија на граѓани и нивните права и потреби, но нема да дозволиме никој да го нарушува мирот на нас и нашите семејства“-стои во апелот и пораката на социјалните мрежи објавени во групата „Наша Гази Баба“.

-Ви се обраќаме како граѓани од Маџари, Триангла, Хиподром, Ченти, Автокоманда. Градоначалникот наш и министерот за здравство сами си донеле одлука да го преместат Центарот за зависници од Кисела Вода на територија на нашата општина. Ние повторно сме омаловажени, нас никој ништо не нè прашал и ние за сè дознаваме од телевизија. Прво кај нас си го преместија пазарот стационар, а сега и Центарот. Каква општина сме ние? Ние ќе примаме тука се што другите општини сакаат да си го дислоцираат? Градоначалникот заборавил ли дека ние го избравме, а не жителите од други општини? Па тој им помага на сите да си ги тргнат работите кои им се терет и доброволно ги прима кај нас, на наш грб. Ова ние нема да го премолчиме. Ние не сакаме меѓу нашите деца да се шетаат зависници. Немаме ништо против тие лица, но ако им пречеле на сограѓаните од Кисела Вода, нас нема да ни годат сигруно, велат граѓани на Гази Баба кои за проблемите ја информираа редакцијата на КУРИР.

Следна седница на Советот на оваа општина е закажана за на 30-ти мај. Советниците кои имаат мнозинство ќе бараат итно поништување на одлуката која воопшто не била ставена ниту на дневен ред.

Како што дознава КУРИР од учесници во преговарачкиот процес, првата идеја за дислокација била психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци. Но, при обидот за реализација, стигнале и првите пречки. Имено, иако ова веќе било “договорена работа“, тука жестоко се противел директорот на установата Ќамиљ Ковачи.

Психијатриската болница има бројни проблеми за решавање, но иако за ништо од сево ова не е мрднато со мал прст, директорот сметал дека не му требаат дополнителни проблеми како згрижување на дополнителен број на зависници.

Освен тоа, фактот што во оваа установа нема ниту физичко, а уште помалку полициско обезбедување, е дополнителен проблем за кој допрва некој и некогаш мора нешто да превземе.

Метадонска терапија во овој Центар добиваат околу 500 лица. Сликата околу Центарот е траорна со години.

Игли и шприцеви на секој чекор, а често се гледаа и зависници како конзумираат дрога во околината.

 

Најнови вести