Дали премиерот Зоран Заев и министрите од владата користат лубриканти и за што ги користат е нивна работа. Буџетот и парите на граѓаните се и наша работа. Парите на граѓаните макотрпно заработени не смее да се користат за подмачкување на нечие задоволство. Не станува збор за превенција туку за чист хедонизам и подобро уживање кое го препорачува Заев и неговите министри, истакна Томи Кепевски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Додека има стотици дечиња на кои им е потреба помош и нивниот живот зависи од донации преку СМС пораки и донации на хумани луѓе владата распишува тендер за набавка на лубриканти. Набавка на овие лубриканти е потпишана лично од премиерот Зоран Заев. Планирано е да се потрошат верувале или не 95 милиони денари (или 1,5 милиони евра) пари на граѓаните. Како за споредба минатата година оваа програма се финансирала со 11 милиони денари, рече Кепевски и додаде:
„Уште побизарно е објаснувањето на Владата дека лубрикантите се набавени за да се делат заедно со презервативи. Ова е уште еден доказ дека луѓето кои се во оваа зграда не знаат кај тераат. Би сакале од Владата да ни одговорат каква врска имаат лубрикантите со заштитата од ХИВ и како тие ќе спречат ширење на оваа заразна болест? Или обезбедете бесплатно лекување за сите или одете си од власт доколку мислите да ги расфрлате парите на граѓаните за лубриканти. Македонија веќе не може да ве издржи. Џабе лубриканти“.