„Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија“ – вака според договорот којшто Македонија и Грција викендов треба да го потпишат во Преспа би гласело новото име на Македонската академија на науката и уметностите, објави новинската агенција Макфакс.
Согласно договорот, треба да се преименуваат и други државни институции кои што го содржат име како на пример Македонската радио телевизија…Сите други организации, компании, здруженија или какви било активности и атрибути може слободно да се именуваат како македонски и да ја користат придавката македонски, како дома, така и секаде во странство.
Претседателот на МАНУ, Таки Фити пред неколку месеци го изрази ставот на академијата да не се прифаќа во преговорите да се отвора прашањето за идентитетот, ниту име за севкупна употреба.
– Ерга омнес, односно име за севкупна употреба, никако не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација“ – кажа претседателот на МАНУ, Таки Фити на едно медиумско гостување.
Притоа додаде дека доколку се прифати име за севкупна употреба, тогаш ниту МАНУ нема да се вика Македонска академија на науките и уметностите, туку ќе треба да се прекрсти. Од тоа произлегува дека освен МАНУ, ќе треба да бидат преименувани и други национални институции, како Народната банка на Република Македонија, АРМ, Друштвото на писатели на Македонија, Фудбалската федерација на Македонија… Тоа, според претседателот на МАНУ, е апсурдно.