Вашето прогласување на победа над пандемијата помина во пораз на нашиот здравствен систем и на нас како држава! Реномирани светски институции ја ставаат Македонија прва на ранг листите по лошо справување со корона вирусот, односно по најголем број на заболени и на починати, истакнува доктор Маријан Миленковски, кандидат за пратеник во Изборна единица 3 од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочува дека Македонија според реномираниот универзитет Џон Хопкинс има катастрофален индекс на смртност во однос на сите свои соседи, но и во однос на најголем број држави во светот.
-Македонија е прва во Европа и по број новозаразени лица на милион жители со корона. Ова е податок од статистичката веб страница Ворлдометар. Кога политиката е ставена пред одлуките, стручноста и професионалноста на оние кои им е дадена таа одговорност, односно Комисијата за заразни болести, вклучувајќи го и оној кој треба да менаџира со здравствениот систем – министерот за здравство, кога локалните кризни штабови од самиот почеток на пандемијата работат како партиски штабови, резултатот е дно на листите. Со тоа нормално и очекувано е да бидеме единствена изолирана земја во регионот. Но, што и да очекуваме од Влада која од сите активности во борбата против пандемијата најдобро ги одработи само прес конференциите, со целиот пи-ар насочен единствено кон ресорниот министер за здравство. Целата останата работа беше оставена на способноста и професионалноста на медицинскиот персонал кој се справува како што знае и умее со оваа пандемија. Се обидовте преку пандемијата да собирате политички поени и што побрзи избори, но ни тоа не ви успеа. И сега поразени, вината ја префрлате на народот. Почитувани господа од власта, време е за стратегија без политиканство, за да можеме самите себе да си помогнеме во овие моменти кога бројот на заразени и починати вртоглаво расте, вели доктор Миленковски.
Потребна беше здравствена едукација за граѓаните, но тоа не подразбира делење флаери за вашата политичка опција или хуманитарни пакети.
-Очигледно не ја сфативте сериозноста на оваа состојба од која само заеднички можевме да излеземе како победници.И така наместо интересот на граѓаните и на државата, СДСМ и по цена на животи и по цена на економски колапс брзаат да одат на избори само за да го ублажат поразот. Недозволиво е кариерата на некои политичари да биде побитна од животот на макар еден човек, нагласува Миленковски.