Вчерашното сведочење на Драгана Колевска, куќна помошничка на првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски- Боки 13, откри дека во неговиот стан доаѓале градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, потоа министерката за одбрана Радмила Шекеринска, како и пратеникот Александар Кирацовски.
-Доаѓаше и Венко Филипче, Радмила Шекеринска… Стефан Богоев, Александар Кирацовски … и други. Куќата имаше безбедносен видео надзор…., рече меѓу другото Колевска.
Ова сведочење, како и сите претходни сознанија за другарувањата на високите функционери на владејачката СДСМ со Боки 13 во времето на силната промоција на неговиот Меѓународен сојуз, го отвора прашањето за тоа дали во неговиот дом всушност била координирана целата операција за изнудувања на македонските бизнисмени која потоа заврши со судски епилог во случајот „Рекет“. Но дури откако таа се појави во странските медиуми, и веројатно со асистенција на странска држава, пишува Нетпрес.
Наведените имиња посочуваат дека во луксузниот апартман редовни гости биле најблиските соработници на премеирот Зоран Заев, со кого Боки 13, исто така, имаше јавни повеќе средби.
Покрај тоа, многу интересно е што сиве овие политичари биле сведоци на луксузот со кој се опкружувал Боки 13, и никој не се ниту запрашал од каде потекнуваат парите за такво неограничено трошаџиство. А не се прашале за потеклото на парите, како што само може да се претпостави – или затоа што биле запознаени и ја овозможувале рекетарската шема. Или, пак, и самите тие учествувале во нејзиното создавање.
Неразбирливо е како министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на пример, во екот на своите најголеми, нели, пожртвувани активности и заложби за прием во НАТО, има време прво да биде чест гостин во домот на, во најмала рака контроверзен лик како Боки 13. Исто така, се поставува и прашањето кои се причините и мотивите на министерката за одбрана да другарува со Јовановски, кога нема ниту генерациска ниту професионална близина со него. Но можеби станува збор за „деловна“ соработка која ги зближила челничката на одбраната на најновата земја членка на НАТО и сега првоосомничениот во „Рекет“.
Шефот на дипломатијата, пак, Никола Димитров, не бил виден во домот на Боки 13, но сепак од претходните сведочења произлезе дека бил предупреден за рекетирањето, и тоа од странски амбасадор. Во август годинава Димитров на социјалните мрежи напиша оти имал „лошо претчуство“ и затоа не се сретнал со Боки 13. Сепак, според сѐ судејќи, не станувало збор за претчуство, туку министерот имал конкретни информации за рекетот на Јовановски.
Оттаму Димитров ѝ должи неколку одговори на јавноста по сведочењето на почесниот конзул на Летонија во Македонија, Зоранчо Митровски, кој дека е жртва на рекет му се пожалил на нерезидентниот амбасадор на Летонија. Амбасадорот во март годинава разговарал со Димитров од кого добил уверување дека Митровски нема да има проблем со СЈО и дека се ќе биде во ред. По јавното признание на бизнисменот, Димитров мора да одговори дали воопшто и кому пријавил дека од страна на Јовановски и Јанева се врши рекет, иако негира до денеска дека бил информиран за случајот.
И министерот за здравство Венко Филипче бил чест гостин кај Боки 13, веројатно договарајќи „јавни приватни партнерства“ во македонскиот здравствен систем. Ни тој, секако, не се досетувал од каде и на кој начин Јовановски обезбедува огромни средства, не само за да си овозможи луксуз редок дури и во странство, како и да влегува во проекти, како на пример, градењето старски домови или медицински центри.
Во ова друштво на лица од врвот на СДСМ се вбројува и сега предложениот за технички премиер на преодната влада до изборите, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој, осведочено, имал комуникации и повеќе јавни средби со Боки 13, но несфатвливо е како до него не допреле никакви информации за операциите на уцени и изнуди од страна на обвинетите во „Рекет“, како што тврди самиот. Попрво ќе биде дека Спасовски ги предупредувал Јовановска и неговите соучесници да ги прекинат контактите со нивните жртви, кои се охрабриле да го пријават рекетот.
Премиерот на заминување, Зоран Заев, пак, никако не успева да докаже кога и каде тој прв го пријавил пријавениот случај со изнуда од бизнисменот Орце Камчев. Опозицијата тврди дека фамозната скапа торба „Луј Витон“ со изнудените милиони завршила токму на „Илинденска“, а главниот станар во оваа зграда неколкупати беше споменуван во видео и аудио снимките поврзани со овој скандал.
Половина владин кабинет и од раководните структури на СДСМ, сега и со сведоци, бил редовен посетител на станот на Боки 13, и тоа не може да го поништи впечатокот на јавноста, дека токму од таму била координирала операцијата „Рекет“, дека од тој комплекс во скопско Волково биле избирани жртвите и начинот на кој блиските соработници на Заев ќе ги „олеснуваат“ за милиони евра. Поради тоа и сѐ уште не се знае каде се наоѓаат изнудените милиони, додава порталот.