Државната изборна комисија (ДИК) во петокот донесе препораки и мерки за избирачките одбори за забрзување на постапката за гласање на граѓаните, имајќи ги предвид искуствата од првиот круг на локалните избори. Членовите на ДИК апелираат до политичките партии и кандидатите доследно да го почитуваат Изборниот законик и изборниот молк.
Во избирачките места каде што има запишано поголем број гласачи, каде се групирани повеќе гласачки места во еден објект за гласање или во гласачките места каде што ќе чекаат ред за гласање повеќе гласачи, избирачките одбори треба да се грижат за организацијата и за редот.
Во такви случаи, еден член или заменик на ИО треба да излезе пред гласачките места, а по потреба и пред објектот за гласање за да им помага и да ги упатува гласачите до нивното гласачко место, поради полесно распоредување и намалување на редот на чекање. ИО во избирачкото место да пушта контиунирано гласачи и тоа веднаш после завршената идентификација на претходниот гласач со техничката опрема, а притоа водејќи сметка зад секој од параваните за гласање да има истовремено само по еден гласач.
Во препораките за забрзување на постапката за гласање до избирачките одбори, се наведува дека идентификацијата со отпечаток од прст во техничката опрема (фингерпринт), ИО да ја врши со по една проверка од секој показалец (десен, па лев), а потоа доколку не најде совпаѓање, веднаш да се продолжи со пронаоѓање (идентификација) на гласачот преку МРЗ – читачот на техничката опрема или преку внес на ЕМБГ.
Додека трае идентификацијата во техничката опрема, членот на избирачките одбори кој ракува од изводот од избирачкиот список, треба да го пронајде гласачот и да го припреми изводот од избирачкиот список за ставање потпис или отпечаток. За побрзо или полесно пронаоѓање на гласачите во изводот од ИС, избирачкиот одбор може да стави бележници за означување (стикери) на листовите за секоја почетна буква од презимињата на гласачите.
Доколку има гужва на некои избирачките места, членовите на избирачките одбори не треба да губат време за принтање на статистички извештаи за излезноста, туку тоа да го направат по телефонски пат до општинската изборна комисија.