Во изминатиот период сведоци сме на сите лажни ветувања со кои оваа гарнитура на СДС дојде на власт, критикувајќи ги тогашните состојби воедно ветувајќи промени. Еден од најексплицитните примери за тоа е грижата за Охридското Езеро и алармантното ниво на водата, рече на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, Сашо Донев.
– Тогаш критикуваа и објаснуваа како треба. Дека никој нема право да ги злоупотребува природните богатства за да прикрива неодговорни политики, а сега состојбата е најдраматична од било кога, односно никогаш не била ни приближно како што е денес. Во времето кога држеа пресови симулирајќи наводна паника им ветуваа на граѓаните поинакво менаџирање, истакна Донев.
Тој потсети дека Охридското Езеро нема концесионер, дивите градби околу езерото не се срушени, а освен палмите ниту една мерка не е спроведена од препораките на УНЕСКО.
– Ги охрабруваме невладините организации, екологистите и Хидробиолошкиот завод кој егзистира децении на брегот на езерото, да се јават со свој официјален став, да бидат јасни и гласни околу последиците од ваквата алармантна состојба и последиците коишто ќе следат по флората и фауната на езерото. Заштитата на растителниот и животинскиот свет во езерото е должност и обврска на Заводот како институција којашто треба да се грижи за еко-системот на езерото, порача Донев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, нагласи дека за жал со оваа власт нема и нема да има заштитата на Охрид и Охридското Езеро според препораките од УНЕСКО. Имаше и ќе има само лажни вести и мачкање на очи. Но замачканите очи сепак гледаат, а умот и разумот на граѓаните бележат.