среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Дополнително намалување на ДДВ-то нема многу да ја поевтини струјата, клучно е да се штеди, порача Ковачевски

Дополнително намалување на ДДВ-то нема многу да ја поевтини струјата, клучно е да се штеди, порача Ковачевски

Дополнителното намалување на ДДВ-то не би имало големо влијание на цената на електрична енергија, бидејќи таа на слободниот пазар е над 1000 евра, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во однос на барањата на бизнис секторот за ублажување на ударот од високите цени на струјата за компаниите.

– Во однос на намалувањето на ДДВ-то, тоа е веќе намалено за електричната енергија. Ако треба ќе се намалува повторно, но тоа не би имало големо влијание на цената на електрична енергија, кога знаеме дека таа е над 1000 евра поставена на слободниот пазар. Што се однесува до маржите на трговците со електрична енергија, прво треба да се направи анализа и тоа од страна на Регулаторната комисија, да видиме колку се големи тие маржи и дали воопшто има маржи на овие цени на електричната енергија, изјави денеска Ковачевски по пуштањето во употреба на системот за наводнување „Славишко поле“ во Општина Ранковце.

Тој нагласи дека ова прашање веќе е разгледувано на Економскиот совет и штом ќе ги имаат пресметките, Владата ќе интервенира во тој дел.

Премиерот посочи дека клучно во следниот период е да се направат заштеди на електричната енергија секаде каде што е можно.

– Се наоѓаме во период кога цените на електричната енергија се највисоки и се повисоки од која било економска логика, зборувам за целиот европски континент, а она што го имаат како задача сите ресори во Владата и компаниите кои што се во државна сопственост, тоа ќе мора да го испорачаат со цел да имаме непречено снабдување со електрична енергија, додаде премиерот Ковачевски.

Најнови вести