вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ДРЖАВАТА ВО КОЛАПС: Докторите на терен одат со фармерки и омален мантил, полицајците позајмуваат облека, војниците со искинати униформи

ДРЖАВАТА ВО КОЛАПС: Докторите на терен одат со фармерки и омален мантил, полицајците позајмуваат облека, војниците со искинати униформи

„Македонија од ден на ден се повеќе тоне“, а „здравството, полицијата, војската и пожарната ни се во целосен колапс“, ова се само дел од насловите кои секојдневно можете да ги прочитате во медиумите.

Разочараноста на граѓаните во овие институции кои буквално ја градат државата се повеќе расте, а доверба која ја имаат граѓаните во истите се повеќе опаѓа.

Речиси нема човек кој не се пожалил од здравството, безбедноста и сигурноста во оваа држава, а за сето тоа ја обвинуваат власта која ветуваше брда и долини пред да дојде на насилна власт пред три години.

Разочараноста освен кај граѓаните се повеќе расте и кај вработените во овие институции, па така тие секојдневно се жалат на нечовечките услови во кои што работат.

Вработен медицински персонал во Брзата помош во Скопје за КУРИР велат дека условите во кои што државата ги оставила на милост и немилост се повеќе од очајни и алармантни.

-Медицински униформи не ни паметиме од кога не сме добиле, белите мантили ни се од минатиот век, па сме приморани на терен да одиме како што сме дојдени од дома. Често во фармерки и некој омален мантил  прегнуваме на себе за да личиме на доктори кога сме на терен, раскажуваат тие.

Сведоците раскажуваат дека во минатото имало обиди еден мобилен оператор во земјава да донира медицинска униформа за вработените во Брзата помош, но надлежните го убедувале операторот тој да им ги даде парите, па тие самите да набавеле униформи, т.е да си ги стават во џеб парите.

Од Министерството за Здравство трет ден откако им беше поставено прашањето „Дали вработените во Брзата помош редовно добиваат здравствени униформи и кога последен пат е направено тоа“ се уште немаме добиено одговор.

Молк засега има и од Здравствениот дом во Скопје од каде исто така немаме добиено одговор на истото поставено новинарско прашање.

-Смешно е фалењето на власта дека набавени се шест нови амбулантски возила со кои ќе се реши проблемот со недостаток на возила во Скопје, напротив наместо 14 возила како што тие манипулираа во јавноста, ние имаме едвај неколку возила на располагање, останатите се во дефект, а во новите кои не се целосно опремени вадиме апарати од старите и ги доопремуваме, раскажуваат вработените во Брзата помош во Скопје.

Со сличен проблем се соочуваат и македонските полицајци кои заедно со Брзата помош и пожарната се обележје на градот Скопје.

Младите вработени полицајци со кои разговараше КУРИР се жалат поради хаосот кој владее во полицијата.

-Ние кои сме чувари на мирот и безбедноста во името на државата, таа едвај ни обезбедува униформа која ем што не е квалитетна, туку и брзо уништлива и целосно неупотреблива, па мораме самите да се снаоѓаме како да отидеме на работа. Добиваме едвај една зимска јакна, две маички по кратки ракави за целата година, два пара пантолани кои треба да ги носиме во текот на 7 дена во неделата и капчиња кои буквално од еден дожд се уништуваат, раскажуваат тие.

Додаваат дека наместо државата да им даде бесплатни униформи тие мора сами да си ја купат ако сакаат да работат како полицајци, но често се приморени да дојдат и во цивилна облека, бидејќи надлежните не им ја обезбедуваат униформата која им следува доколку истата се оштети пред предвидениот рок за обнова.

Од Министерството за внатрешни работи за КУРИР на поставеното прашање „Дали Министерството за внатрешни работи редовно набавува униформи за полицајците и кога последен пат е тоа направено“ велат дека тие редовно истата ја набавувале.

„ Министерството за внатрешни работи постојано презема мерки за подобрување на условите за работа на полициските службеници, преку реновирање на полициските станици, но и набавка на нови униформи и опрема за тие да можат соодветно да ги извршуваат своите работни задачи. Значи полициските службеници имаат соодветни униформи и друга опрема за извршување на своите задачи, а постојано се вршат и нови набавки според потребите, информираат од таму“.

Од министерството додаваат дека полициските униформи за различни единици на МВР изминатиот период 2017, 2018, 2019 година тековно се набавуваат согласно годишните планови  за јавни набавки на МВР, а доделувањето на униформите се врши согласно Правилникот за носење, времето на траење и распределба на униформата и ознаките на униформата на Полицијата, со кој  се пропишува носењето,времето на траење и распределба на униформата и ознаките на униформата на Полицијата,(Сл.Весник на РСМ бр. 169/2016) со кој е уредено дека Униформата ја носат полициски службеници кои согласно систематизацијата на работни места работните задачи ги вршат во униформа.

Друг извор за КУРИР вели и дека тој во моментов се снаоѓа со униформата од неговиот пензиониран татко, бидејќи неговата е целосно оштетена поради лошиот квалитет, а надлежните не му даваат нова која би требало да е бесплатна и да му следува по автоматизам ако работи во името на државата.

Во слична ситуација се наоѓа и македонската војска која во моментов нема униформа, чизми, превоз и без квалитетна храна.

НетПрес неодамна напиша дека повеќе не е ни тајна дека рејтингот на Армијата е доведен на нула, а моралот на војниците и старешините во очајна состојба. Како да биде војник или старешина мотивиран кога униформите им се искинати, храната очајна, платите ниски, а превоз моментно нема поради ненавремено објавување на тендер.

Не така одамна беше фамозната набавака на чизми за војниците, која се случи пред некое време? Во манир на Шеќеринска, ново промашување! Чизмите се само зимски, што значи не се за летен период и не ги немаат добиено сите војници, туку само одреден број.

Причината е што способните кадри на Шеќеринска примиле пратка во која ги имало само броевите од 39 до 42. Е сега проблемот се јавува што најголемиот дел од војниците носат поголеми броеви, а за нив немало набавка. Тие ќе почекаат додека почитуваната министерка да се смилува или да и наредат од партија дека треба пари кои треба да ги обезбеди на грбот на војската.

Уште поголем проблем од бламажата со чизмите е што војската ни е буквално во искината униформа. Војниците имаат само по еден пар униформа која е дотраена и амортизирана. И тоа не е некоја тајна бидејќи на сите јавни појавувања секој кој подобро ги анализира војниците може да ги забележи крпениците. Ние новинарите имаме можност да го видиме тоа и со голо око кога сме присутни на било кој настан. Министерката Шеќеринска во својот говор на денот на преземањето на должноста министер за одбрана вети дека овој проблем ќе се надмине, но до ден денес тоа не е случај. Војниците со кои разговараме ја покануваат да ги посети касарните, да ги види условите во кои работат и конечно да оствари некое од своите ветувања. Но, не само со изјава, туку и со дело. Во спротивно ќе се потврдат сомневањата меѓу вработените во Министерството за одбрана и во Армијата, дека со правење на маркетинг преку одбраната, Шеќеринска сака да ја скрие својата вмешаност во аферата „Рекет“, пишува НетПрес.

Во иста ситуација се и македонските пожарникари, па така на пример пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Куманово 18 години не добиле лична заштитна опрема, а четири години работна униформа.

Според правилникот за работа, пожарникарите треба да добиваат нова работна униформа на секои 12 до 18 месеци, а заштитна опрема на пет години. Во лична заштитна опрема спаѓаат шлем, заштитно одело, заштитна маска, гумени чизми, заштитни ракавици и друго. Се изработува од специјален материјал, кој е отпорен на атмосферски влијанија, киселини, лужини, топлина и на механички оштетувања, а е погодна за носење и работа во услови на пожар, во летен и зимски период, објавува СДСК.

Лична заштитна опрема за кумановските пожарникари последен пат била набавена во 2000 година.

Најнови вести