Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски денеска ќе информира за одлуката за избор на најповолен понудувач за јавната набавка на Интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите, како и за активностите за подготовка на локалните избори.
Од Државната изборна комисија вчера за МИА потвдија дека е извршен изборот на компанијата што треба да го набави интегрираниот систем за биометриска индентификација на гласачите.
На повторениот тендер за набавка на интергрираниот систем се пријавија четири компании. Претседателот на Комисијата Александар Даштевски на 2 јули за МИА изјави дека системот и терминалите за вчитување на отпечатоци од прсти ќе бидат навреме набавени за локалните избори. Идентитетот на гласачите на локалните избори за првпат ќе се проверува со терминали за отпечатоци од прсти, нешто што беше предвидено со последните измени на Изборниот законик.
Даштевски тогаш рече исто така дека очекува локалните избори да бидат распишани од страна на претседателот на Собранието на почетокот на август.
Државната изборна комисија (ДИК) и Општинските изборни комисии вчера започнаа и со избор на членови на избирачките одбори за претстојните локални избори. Редоследот на изборот, како што информираа од Комисијата, е според големината на општините. Предвидено е изборот на членовите на избирачките одбори да заврши следната недела. Се бираат комплетно нови избрачки одбори, бидејќи на старите им истече мандатот.
Локалните избори во Северна Македонија се најавени за втората половина на октомври.