Државниот завод за ревизија во својот Годишен извештај за 2022 година, на темата „Ефикасност на политики и мерки за заштита, управување и ревитализација на недвижното културно наследство“ го потврди сето она што ВМРО-ДПМНЕ го укажува веќе шеста година по ред. Прецизно фактографски, на 85 страници ревизорите го претставија целосно руинираниот систем на заштита на културното наследство, што имплицира и нарушување на македонскиот национален идентитет. Културното наследство за Владата на СДС(М)-ДУИ само декларативно е темелна државна вредност, реагираат од Централната комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение го пренесуваме нивното соопштение до јавноста:
Овој објективен извештај на Државниот завод за ревизија кој ви го споделуваме, покажува сосем спротивно однесување на Владата кон недвижното културно наследство. Ако тука се додадат и националните предавства и понижувања на Македонците предизвикани од политичките турбуленции по потпишувањето на Преспанскиот договор, премногу јасно станува видлив синхронизираниот процес на национално обезличување на државата на Македонците, која ја спроведуваат внимателно одбрани актери под менторство на различни центри на моќ.
Раскрчмувањето на културното наследство започнува токму од недвижното културно наследство, со неговото девастирање се подриваат клучните материјални докази за културно-идентитетскиот континуитет на овој простор. Ни малку не е случајно поставената цел од некои центри на моќ да ги снема материјалните докази за постоењето на една автохтона културна ризница именувана како македонска.
Сите постојано ја повторуваме максимата дека културното наследство е темел на националниот идентитет наследено од минатите генерации кое има непроценливо значење, но овој ревизорски Извештај за периодот 2018-2021 покажува некаков сосем поинаков однос на Владата на СДС(М)-ДУИ. Овој историски документ покажува големо незнаење да се менаџира наследеното и силно опоменува на:
а) отсуство на редовна грижа, одржување, обезбедување мерки за непосредна заштита од страна на имателот и надлежната институција за заштита;
б) необезбедени јасни и објективни критериуми за начин на финансирање на недвижното културно наследство, како и распределба на средствата на наделжните институции;
в) неприменливост на законската регулатива;
д) отсуство на стратешки и плански документи;
ѓ) неажуриран и нефункционален е Националниот информативен систем за културното наследство; (за 15 години само 18 % од вкупниот број на регистрирани и евидентирани недвижни добра (локалитети, споменици и споменички целини) кои Македонија ги има 8039 на број, се ревалоризирани) ;
е) намалување на финансиските средства за заштита на културно наследство од буџетски и странски извори за периодот од 2018 – 2021 година со тенденција секоја година да се намалуваат (движи во просек од 16% до 23% по година);
ж) нерешените имотно-правни односи, долгиот период на постапките за експропријација.
Ова се само дел од системските забелешки за културното наследство. Наспроти нив стои законската обврска дека културното наследство како темелна вредност на државата се заштитува во СЕКАКВИ (дури и воени) околности.
Одговорноста за ваквата состојба не може да биде колективна.Таа е персонализирана. Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ ја потсетува министерката за култура д-р Бисера Костадиновска Стојчевска дека индивидуалците кои ја сносат одговорноста за ваквите состојби во последниве шест години во областа на културното наследство, имаат име и презиме. Тие имаат функции и раководни позиции и, се разбира, голема одговорност.
Затоа, ја прашуваме министерката за култура: чија одговорност е поголема – на лошите соработници или на тој што ги избрал?
Централна комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ