вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Двојните стандарди на СДСМ на дело, нападот врз Љупче Златев тежи помалку од нападот врз Милка Смилевска

Двојните стандарди на СДСМ на дело, нападот врз Љупче Златев тежи помалку од нападот врз Милка Смилевска

Одбрана и слобода на новинарите или двојни стандарди на СДСМ, која е реалноста кога стануваат збор нападите кон новинарите во Македонија?

Имено, на вчерашниот протест кој беше организиран од ВМРО-ДПМНЕ, против поскапувањето на електричната енергија, бил турнат микрофонот на новинарката Милка Смилевска од Ал Џезира, случај за кој веднаш реагираше МВР и го приведе напаѓачот.

Според пријавата додека новинарката разговарала со едно од лицата кои учествувале на протестот, дошол А.И. (41) од Скопје и замавнувал со рацете, при што и го бутнал микрофонот. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Мал или голем напад врз новинар е за осуда, поради тоа веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ и го осудија настанот. Од партијата порачаа дека се против секаков вид на попречување на работата на секој новинар или медиум и побараа расветлување на настанот.

Сепак, тоа што е симптоматично, владејачката СДСМ и медиумите кои важат за блиски до нив како по сценарио веднаш се јавија со осуди за нападот, но директни или индиректни напади кон ВМРО-ДПМНЕ. Иако ВМРО-ДПМНЕ се огради од нападот и го осуди, сепак од СДСМ решија да го занемарат истото и да ја нападнат опозициската партија.

Од друга страна, пред нешто повеќе од месец дена беше нападнат и новинарот Љупче Златев кој важи за критички настроен кон власта. Според кажаното Златев бил нападнат заради што пишувал за скандали, афери и наводни криминали кои биле објавени на неговиот медиум.

Иако и тоа е напад врз новинар и слободната мисла во Македонија, сепак СДСМ тогаш не се јави со осуда. СДСМ тогаш не повика ниту на одговорност, ниту на расчистување на случајот, а ги немаше ниту осудите од медиумите кои важат за блиски до нив, кои вчера се јавија уште во првиот момент.

Дали микрофонот и нападот врз новинарката Милка Смилевска вреди повеќе од шамарите врз Љупче Златев? Случајот од вчера доби експресна разрешница за помалку од 24 часа, случајот со Златев по повеќе од месец дена нема епилог. Секој новинар заслужува непречена работа и слобода на изразување и секој напад или притисок треба да биде за осуда. Сепак, СДСМ не смета така, според двата случаи, ако новинарот е критички настроен кон нив изгледа не заслужува еднаков третман.

Дека тоа е така, говори и фактот дека против истиот новинар беше поднесено и обвинение поради објава според обвинението оддавање на службена тајна, но во реалноста информација од јавен карактер. Претходно осуден беше и новинарот Александар Митовски кој исто така важи за критички новинар. И двата настани поминаа без осуди на СДСМ, но и на медиумите кои како на тастер се активираа во текот на вчерашниот ден.

Да се потсетиме дека лидерот на СДСМ во својата премиерска функција без срам упатувал и навреди кон новинарите, посочувајќи ги одредени новинари „Вие контравладините медиуми“ или изјавите од типот „Неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер нема да ја турнат владата“, алудирајќи на новинарот Бранко Геровски. Етикетирања и посочувања Заев имаше и кон новинарот Фуркан Салиу покажувајќи ароганција и нетрпеливост веројатно затоа што некои од новинарите не му се по мерка. Официјално извинување за ваквите постапки од СДСМ тогаш немаше.

Дека СДСМ успеа да заземе целосна контрола врз новинарството ни кажува и фактот дека, на провладините медиуми и на СДСМ не им беше важно од каков карактер е настанот и тоа што се протестира против поскапување на струја и осиромашување на народ. На тие медиуми не можеше да се види известување на настанот, не можеше да се види ниту поддршка за граѓаните во борбата против поскапата струја, ниту барањата кои се упатуваат до власта, но можеше да се види организирана објава за осуда на нападот врз новинарската екипа на Ал Џезира.

Секој напад врз новинар заслужува осуда, впрочем не треба ниту да дојде до тоа, новинарите треба непречено и слободно да работат и известуваат, но реалноста која ја гледаме е дека власта предводена од СДСМ, не само што има селективен пристап кон новинарите во Македонија, туку и двојни станддарди, кога им одговара ги осудува, кога не им одговара ги навредува и посочува новинарите.

Најнови вести