Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа го потпишал решението за распишување на изборите на 15 јули.
-Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија на 15-ти јули 2020 година го потпишав синоќа и истото е архивирано и пратено до Државната Изборна Комисија, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда, со што се запазуваат роковите за деновите утврдени во Уставот, се вели во изјавата на Џафери.
Тој посочува дека во земјава има нова ситуација од наметнатите, неприродни услови со КОВИД-19 кои го одложиле спроведувањето на предвремените парламентарни избори претходно закажани за 12-ти април 2020.
-Имено, како што ви е веќе познато, политичките лидери во Република Македонија постигнаа договор за закажување на нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Консензуалниот датум на власта и опозицијата е 15-ти јули 2020. Овие избори ќе бидат невообичаени по тоа што нема да има вообичаена изборна кампања, меѓутоа, тоа што е поважно и на кое ќе мораме сите да се придржуваме на најдисциплиниран начин се мерките и препораките на Министерството за здравство, со цел да се заштити здравјето и животот на граѓаните, се вели во соопштението на Џафери.