петок, 1. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Џафери: Секоја промена на изборниот систем мора да биде со консензус

Џафери: Секоја промена на изборниот систем мора да биде со консензус

Секоја промена на изборниот систем мора да биде со консензус. Никому нема да му служи ако оди по принципот на надгласување или условување. Тоа е ултиматум. Собранието не смее да работи под ултиматум, мора да има консензус, изјави вечерва претседателот на Собранието Талат Џафери во дебатната емисија „Објектив“ на МРТВ1.

-Не е проблемот во изборниот систем. Зошто не излегуваат сами политичките партии и да се мери секој колку поддршка има. Не е проблемот во шесте изборни единици, проблемот е во поддршката. Една коалиција, друга, трета и на крај за една година се распаѓаат скоро сите коалиции, рече Џафери.

Според него, треба да се води дебата за бројот на изборни единици за да се слушнат аргументите и потоа, како што рече, да може да се има евентуално консензус.

-Консензусот не значи сите да добиваат се, консензусот е сите да попуштат малку, да отстапат по нешто, инаку се друго е ултиматум или диктат, рече Џафери.

За изборот на уставните судии, Џафери рече дека тоа е надлежност на Комисијата за прашања на изборите и именувањата која треба да свика седница. Заклучокот од седницата потоа оди на пленарна седница каде се отвара дебата, а за да се избере еден кандидат за уставен судија, тој мора да има поддршка од минимум 61 пратеник.

Во однос на Деловникот за работа на Собранието, Џафери смета дека издржано е да има опција за одржување на онлајн седници, но само во исклучителни случаи како што беше оној со пандемијата. Она што треба да се промени е и тоа што сега не е пропишано колку реплики може да имаат пратениците на собраниските комисии. Тоа, вели Џафери, е инструмент којшто сега се злоупотребува. (МИА)

Најнови вести