Секогаш сметав дека Договорот од Преспа, на балансиран, праведен и корисен начин ги решава прашањата што предизвикуваа сомнежи и поделба меѓу нашата земја и ПЈРМ, вели министерот без ресор на Грција и владин портпарол Димитрис Ѕанакопулос во интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека доставените уставни амандмани, но и последните изјави на македонскиот премиер го потврдуваат овој став, а паралелно ги уриваат аргументите на Нова демократија.
Ѕанакопулос потенцира дека ратификацијата на Договорот од Преспа им служи на интересите на Грција и на поширокиот регион и изрази убедување дека ќе добие мнозинство од грчкиот парламент.
– Врз основа на изразените ставови за ова прашање, јасно е дека Договорот од Преспа собира апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници. И јас сум сигурен дека прогресивните политички сили и прогресивните пратеници независно од разликите што можат да ги имаат со владината политика, нема да ја остават оваа историска можност неискористена – вели Ѕанакопулос и додава дека треба приоритет да бидат интересите на земјата, а не предизборните тактики или партиските стремежи.