Приходите од издавање на пасоши, лични карти, возачки дозволи, сообраќајни дозволи, регистарски таблици и останати обрасци, не се евидентираат согласно основот по кој истите се остваруваат, покажуваат финансиските извештаи од извршената ревизија на Министерството за внатрешни работи, на Државниот завод за ревизија.
Дополнително, ревизорите, исто така утврдиле дека СВР Скопје има доставено Извештаи за издадени обрасци и регистарски таблици до Одделот за финансиски прашања заклучно со 31.12.2018 година, поради што не е извршено навремено намалување на залихите на обрасците и регистарските таблици во финансиските извештаи.
– Со извршената ревизија за 2020 година, изразивме мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики, се вели во извештајот од ДЗР за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност сметката на основен буџет.
Клучни препораки, на Државниот завод за ревизија, е да се воспостави аналитичка евиденција на приходите согласно основот по кој се остваруваат, и да се воспостави контролен механизам за следење на извршените уплати и издадените обрасци и да се врши периодично усогласување.
Државните ревизори, исто така, утврдиле и дека Министерството располага со 513 градежни објекти, од кои за 45 објекти поседува имотен лист како документ за сопственост, додека за 53 градежни објекти се води постапка за легализација, дека пописот на средствата и обврските не е извршен согласно Правилникот за сметководството на буџетите и буџетските корисници, како и неправилности при спроведувањето на јавните набавки.
Клучни препораки, од Државниот завод за ревизија, е да се продолжи со активностите за добивање на имотните листови за сите постојани средства кои се сопственост или кои ги користи министерството, како и да се спроведе попис согласно законската регулатива.
Ревизорите утврдиле дека во МВР е воспоставена само финансиска, но не и материјална евиденција на прехранбени производи набавени за потребите на одморалишта во Охрид, Крани и Пониква, како и дека за потребите од храна и пијалаци во одморалиштата на Министерството вршени се набавки без да се спроведат постапки за јавни набавки согласно Законот за јавните набавки и без да се склучуваат договори.
За надминување на овие состојби, ревизорот препорачува, изработка и донесување на сметководствени политики и нивна имплементација при вреднувањето и евидентирањето на залихите на материјалите, а набавката на храна и пијалаци во одморалиштата на Министерството, да се врши согласно законската регулатива.
Извршената ревизија на Министерството за внатрешни работи, како што информираат од Државниот завод за ревизија, е на вкупно пет сметки – сметка на основен буџет (631) и (637), сметка на буџет на донации (785-20) и (785-15) и сметка на самофинансирачки активности (787).