понеделник, 11. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Единство, заедништво и свест за општото добро, порача Пендаровски

Единство, заедништво и свест за општото добро, порача Пендаровски

Единството е клучниот предуслов за успех, а за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста не за личниот интерес, туку за општото добро, порача денеска претседателот на државата Стево Пендаровски на церемонијата на одликувања по повод 8 Септември – Денот на независноста.

Шефот на државата потсети дека на 8 септември 1991 година користејќи го сувереното право на самоопределување прогласивме независна држава и се вклучивме во културниот натпревар меѓу народите.

-Крајот на студената војна го означи почетокот на тој голем натпревар во кој многу држави од Централна, Источна и Југоисточна Европа работеа напорно за да изградат стабилни и функционални демократски институции и да се интегрираат во светот. Но, иако почнавме од иста стартна позиција и игравме според правилата во одредени периоди како држава се соочивме со двојни стандарди и пристрасни судии што не секогаш ни овозможуваа праведно оценување на постигнатото, рече Пендаровски.

Според него, на овој тежок пат постигнувавме и успеси, но приредувавме и разочарување за македонските граѓани. Енергијата, како што рече, честопати ја трошевме во меѓусебни обвинувања и опструкции, а на внатрешен план најголем предизвик со кои и ден денес се соочуваме се длабоките поделби во македонското општество во нашиот тим.

-Единството е клучниот предуслов за успех, а за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста не за личниот интерес, туку за општото добро. Колку и да е важен двигател на општествените процеси, личниот интерес сам по себе не е доволен да изгради општество со развиено чувство за национален интерес за општо добро. Оттука, вистинските двигатели на заедништвото треба да ги бараме меѓу оние кои не се мотивирани од тесни интереси, туку од повисоки цели, нагласи Пендаровски.

Претседателот Пендаровски истакна дека меѓу ретките херои на македонската независност се и спортистите кои со своите успеси не поврзуваат дури и кога сме длабоко поделени.

По повод Денот на независноста на Република Северна Македонија – 8 Септември претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија ги одликуваше со Орден „8 Септември“ македонските спортисти Оливера Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски.

Најнови вести